Министрите за надворешни работи на Европската унија денеска ќе разговараат за војните во Украина и Блискиот Исток, како и за ефектите од прелевањето на борбите. Се очекува украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха да им се придружи на своите колеги од ЕУ преку видео-врска за брифинг за најитните потреби на неговата земја во нејзината одбрана од Русија. Поддршката на ЕУ за Киев претрпе неуспех минатиот месец кога 27-те земји-членки на блокот не успеаја едногласно да се договорат за нови мерки за помош навреме за 4-тата годишнина од инвазијата на Русија. Како што пренесе ДПА, 20-тиот пакет санкции против Русија, како и пакетот финансиска помош вреден 90 милијарди евра (103 милијарди долари), сè уште се блокирани поради отпорот од Унгарија и Словачка. ЕУ, исто така, постојано предупредуваше на можни реперкусии за Украина од конфликтот на Блискиот Исток. Според Европската комисија, Москва има огромна корист од вртоглавиот раст на цените на горивата откако почна војната во Иран, со дополнителна дневна заработка од 150 милиони евра од продажба на нафта. Ова доаѓа по неколкугодишните напори на ЕУ да ги ограничи приходите на Русија од фосилни горива со цел да се ограничи нејзината способност да ја финансира војната против Украина. Конфликтот, исто така, ги исцрпи воените ресурси, при што системите за противвоздушна одбрана и други средства се сè повеќе потребни надвор од украинската војна, додека Иран возвраќа на американските и израелските воздушни напади со напади низ делови на Блискиот Исток. Во однос на Иран, се очекува министрите на ЕУ формално да ги одобрат новите санкции насочени кон иранските функционери и организации, како што најави минатата недела највисоката дипломатка на блокот, Каја Калас.