Денес се навршува една година од трагедијата во дискотеката „ПУЛС“ во која згаснаа многу млади животи а голем број присутни таму таа вечер беа повредени. Тој и наредните триесетина дена беа еден од најтешките периоди од мојата докторска кариера. На Универзитетската клиника за токсикологија беа хоспитализирани дваесетина тешки пациенти заради акутно труење со отровни гасови а во периодот кој следеше поминаа и голем број на пациенти кои таа вечер биле присутни во дискотеката, пишува на социјалната мрежа на Фесјбук директорот на Клиника за токсикологија, Андон Чибишев. -Со крајно професионална, стручна и посветена работа и грижа целокупниот персонал на Клинката успеа да ги стабилизира овие млади пациенти и тие сите денес се со своите семејства. Упатувам искрена благодарност до целокупниот персонал на Универзитетската Клиника за токсикологија и сите сродни клиники и институции кои во тој тежок период ни даваа логистика и несебична помош во справување со оваа трагична ситуација. Бог да ги прости сите кои ги изгубија животите, пишува во својата објава Чибишев.