Комеморација во спомен на Кирил Поп Христов – Кили во МНТ

Македонскиот народен театар организира комеморација во спомен на истакнатиот актер Кирил Поп Христов – Кили, која ќе се одржи на 18 март (среда) во 11 часот, на големата сцена во Македонскиот народен театар. На комеморацијата, семејството, колегите, пријателите и почитувачите на неговото дело ќе имаат можност да се простат и да му оддадат почит на уметникот, кој со својата силна сценска појава, искреност, духовитост и препознатлив актерски дух остави длабока трага во македонската театарска уметност и култура. Кирил Поп Христов – Кили ќе остане запаметен како актер со автентична енергија, ведар дух и големо срце, како колега кој несебично ја споделуваше љубовта кон театарот. Неговиот уметнички придонес и човечност ќе останат трајно врежани во културната меморија.