Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за нови максимални малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе важат од 17 март 2026 година од 00:01 часот. Според одлуката, максималната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 86,50 денари за литар , додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 88,50 денари за литар . Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе биде 92,00 денари за литар , а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе изнесува 89,50 денари за литар . Цената на мазутот М-1 НС е утврдена на 47,453 денари за килограм . Со новата пресметка бензините и екстра лесното масло поскапуваат за 7 денари по литар , дизелот за 6,5 денари по литар , додека мазутот се зголемува за 4,867 денари по килограм . Од РКЕ информираат дека корекцијата на цените е резултат на значителниот раст на берзанските цени на нафтените деривати на светскиот пазар, како и на растот на доларот во однос на денарот во изминатиот петдневен период. Референтните цени бележат пораст од 16,9 проценти кај бензините , 11,7 проценти кај дизелот , 13,0 проценти кај екстра лесното масло и 14,5 проценти кај мазутот . Истовремено, РКЕ им укажа на нафтените компании да ги намалат малопродажните цени за 2 денари по литар , согласно договорениот попуст меѓу Владата и главниот добавувач ОКТА , со што дел од товарот од зголемувањето би бил директно ублажен за граѓаните. И покрај новата корекција, податоците покажуваат дека цените на горивата во Македонија остануваат меѓу најниските во регионот и Европа . Според споредбените анализи, бензинот во земјава се движи околу 1,40 евра за литар , што е пониско од повеќето соседни и европски држави, додека дизелот изнесува околу 1,49 евра за литар . Во споредба, цените на бензинот достигнуваат 2,11 евра во Германија , 1,86 евра во Грција и 2,03 евра во Албанија , додека дизелот во повеќе европски земји се продава и над 2 евра за литар . Овие податоци, според РКЕ, потврдуваат дека и покрај глобалните ценовни притисоци, Македонија и понатаму успева да одржи релативно поволни цени на горивата во однос на регионот и Европската унија .