Герапетритис: Грција се залага за слободна пловидба и враќање на дипломатијата наместо војната

Грција се залага за целосна примена на меѓународното право, почитувањето на правата на цивилите и секако, враќање на дипломатијата наместо војната. Особено во однос на слободата на пловидба, Грција го поддржува слободното движење на сите бродови во поширокиот регион и го повикуваме Иран да ги почитува правилата на меѓународното морско право, посочи шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис при пристигнувањето на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за надворешни работи на Грција посочи дека во поширокиот регион функционира операцијата „Аспидес“ (Штитови) на поморските сили на ЕУ (ЕУНАВФОР), „во која учествуваат само две земји-членки на Европската унија“. - Особено во однос на слободата на пловидба, би сакал да нагласам колку е клучно, не само за цените на нафтата, туку и за целиот синџир на снабдување, да останат слободни морските патишта, нагласи Герапетритис. Додаде дека пред неговите европски колеги ќе го покрене и прашањето со нападот врз грчки брод во меѓународните води на Црното Море што се случи во саботата, кога танкер со 24 членови на екипажот беше нападнат со проектил или дрон на 14 наутички милји од Новоросијск, при што беше предизвикана само материјална штета. - Очигледно е дека за ова прашање треба да има целосна осуда и одговорност. Се подразбира дека во овие моменти, што се исклучително критични, а последиците можат да бидат многу значајни, не само геополитички, туку и економски и еколошки за Средоземното Море, Европа треба да се одговори на околностите и да преземе водечка улога, посочи шефот на грчката дипломатија. За ситуацијата на Блискиот исток ја повтори солидарноста на Грција со земјите кои се погодени, земјите од Заливот, посочи дека „обезбедува одбранбена поддршка за Кипар“, но и нагласи дека Грција нема намера да се вклучи во војната.