Британскиот премиер Кир Стармер денеска изјави дека Велика Британија не е подготвена да „биде вовлечена во војна“ во Иран „без план за излегување“. Стармер одби да се придружи на американско-израелскиот напад врз Иран, но се придружи во одбраната од иранската одмазда кога беа нападнати британските воени бази на Блискиот Исток. Претседателот на САД, Доналд Трамп, и противниците на Стармер ја критикуваа одлуката да не учествува. На денешната прес-конференција, Стармер рече дека „се држи до своите принципи“ и дека верува оти „времето ќе покаже дали тоа бил вистинскиот пристап“, објави Си-Ен-Ен. „Дали британските војници ќе бидат вклучени во воена акција е најсериозната одговорност за секој премиер. Некои ме нападнаа поради мојата одлука да не се приклучам на офанзивата против Иран“, рече тој. Тој додаде дека ако Велика Британија „испрати војници, најмалку што заслужува е да знае дека го прави тоа легално и со соодветен, добро осмислен план“. „Сега, има и други кои би донеле поинаква одлука пред две недели. Тие би ја турнале Велика Британија во оваа војна без целосна слика за тоа во што ги испраќаат нашите сили и без план да нè извлечат. Тоа не е водење - тоа е следење на некого“, рече Стармер. Стармер, исто така, рече дека Велика Британија работи со своите сојузници за отворање на Ормускиот теснец. „На крајот на краиштата, треба повторно да го отвориме Ормускиот теснец за да обезбедиме стабилност на пазарот - тоа не е лесна задача. Затоа работиме со нашите сојузници, вклучувајќи ги и нашите европски партнери, за да составиме одржлив колективен план што може да ја врати слободата на навигација во регионот што е можно побрзо и да го ублажи економското влијание“, рече тој.