Рецепт за американски палачинки: Густи, меки и воздушести како во филмовите

Ако сакате појадок што изгледа како нешто од американски филм, пробајте го овој едноставен рецепт за познати американски палачинки. Американските палачинки се разликуваат од класичните палачинки по својата текстура и изглед. Тие се подебели, помеки и полесни, а нивната воздушеста структура ги прави омилен избор за појадок за многу луѓе. Најчесто се служат наредени една врз друга, прелиени со јаворов сируп, мед или чоколаден сос, а често се комбинираат со свежо овошје. Токму ваков вид слика за појадок често се гледа во американските филмови и серии, поради што овие палачинки станаа вистински симбол на утринскиот оброк. Иако изгледаат како нешто што се подготвува само во ресторани или кафетерии, американските палачинки всушност се многу лесни за правење дома. Состојки: За палачинките: 200 г брашно 1 и пол лажички прашок за пециво 1 лажица кафеав или жолт шеќер прстофат сол 3 јајца 30 г растопен путер 200 мл млеко малку масло за тавата За сервирање: јаворов сируп или мед дополнителни додатоци по желба: боровинки, чоколадни трошки, путер од кикирики, џем или парчиња овошје Подготовка: Во голем сад измешајте го брашното, прашокот за пециво, шеќерот и прстофат сол. Направете мала вдлабнатина во средината, потоа додадете ги јајцата, растопениот путер и млекото. Добро матете сè со жица или миксер додека не добиете мазна и густа смеса без грутки. Загрејте малку масло во тава и додадете парче путер на средна температура. Кога путерот ќе се растопи и ќе почне малку да се пени, истурете мала количина од смесата и формирајте круг со дијаметар од околу осум сантиметри. Пред печење, можете да ја оставите смесата да отстои пет до десет минути, за да почне да делува прашокот за пециво и палачинките да бидат уште помеки. Печете ја палачинката околу една до две минути, додека не се појават мали меурчиња на површината, потоа свртете ја и печете уште една минута од другата страна. Повторете го процесот додека не ја потрошите целата смеса, а готовите палачинки редете ги една врз друга. Најдобро се сервираат топли, па сервирајте ги прелиени со јаворов сируп или мед. Доколку сакате, можете да додадете свежо овошје, чоколадо или други додатоци по ваш вкус.