Куќа со 3 спални соби чини под 50.000 евра: Дали би се преселиле тука? Александра Спасеска 16.03.2026 / 15:19 Живот Додека цените на недвижностите во Европа рушат рекорди, во една азиска земја можете да купите куќа по цена што на многумина им изгледа речиси неверојатна. Тајланд, познат по пријателски настроените домаќини, прекрасната природа и ниските трошоци за живот, е сè попопуларен избор за странци кои бараат нов почеток или добра инвестиција. Додека цените на недвижностите во Европа достигнуваат рекордни максимуми, во Тајланд можете да купите куќа за само дваесет илјади евра - се разбира, ако знаете каде да барате. Најпристапните недвижности може да се најдат во руралните делови на северен и североисточен Тајланд, особено во региони како што се Чианг Маи или Исаан. Таму, каде што животот е побавен, а туризмот речиси и да не постои, можно е да се најдат скромни семејни куќи по цена од 20.000 до 30.000 евра. За тие пари во Скопје не може да купите ни еднособен стан. Ова се едноставни градби, често од традиционална дрвена конструкција, со основни врски и функционален двор. Иако не нудат луксуз, тие обезбедуваат пристоен дом - идеален за оние кои сакаат тишина, природа и нова рутина подалеку од зафатениот Запад. Цени во популарните дестинации На туристички места како Ко Самуи, Хуа Хин и Пукет, цените се значително повисоки, но сепак пониски отколку во Европа. На пример, во внатрешноста на островот Ко Самуи, можете да купите помала монтажна куќа со базен и двор за околу 85.000 евра, додека оние поблиску до морето се двојно поскапи. Сепак, дури и во овие зони е можно да се најдат станови за околу 35.000 евра, особено ако станува збор за постари згради или локации далеку од плажата. Бангкок - поинаков свет Главниот град Бангкок се издвојува како „тешкаш“ во недвижностите. Таму, цените за квадратен метар во центарот достигнуваат 3.000 евра, а куќите ретко чинат помалку од 250.000 евра. Со оглед на тоа што станува збор за метропола со над десет милиони жители, растот на побарувачката не запира. Сепак, оние кои сакаат да го избегнат градскиот хаос лесно можат да се преселат во приградски или помали крајбрежни градови, каде што цените се многу пати пониски, а квалитетот на живот е попријатен. Што може да купат странците? Има одредени правила за странците кои сакаат да купат куќа во Тајланд: може да го поседуваат имотот, но не и земјиштето на кое се наоѓа, освен ако не се во брак со тајландски државјанин или не основаат компанија регистрирана во таа земја. Најчестото решение е долгорочен закуп на земјиште (за 30 години, со можност за продолжување). Постојат и други специфични правила, кои не се непремостливи, но бараат правна поддршка и внимателно планирање. Тајланд како начин на живот Она што го нуди Тајланд не е само ниска цена, туку и можност за сосема поинаков начин на живот. Климата овозможува самостојно одгледување овошје и зеленчук, локалната храна е вкусна и евтина, а здравствениот систем, особено во приватните клиники, е со сè повисок квалитет. Трошоците за комунални услуги се ниски, инфраструктурата функционира сигурно, интернетот е брз, а меѓународните аеродроми ја поврзуваат земјата со целиот свет. Вреди да се размисли Купувањето куќа во Тајланд може да изгледа како егзотична идеја, но со оглед на растечките цени и стресот во европските градови, тоа е сè пореална алтернатива. Ако сонувате за мирен живот во природа, можеби Тајланд е вашето место под сонцето. И, најдобро од сè, по цена што изгледа речиси неверојатна. Тајланд Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On