СДС манифестира еклатантно лицемерие и бесрамност кога си зема за право да ги коментира состојбите во енергетиката, особено кога се дрзнува да зборува за РЕК Битола и намаленото домашно производство, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што го пренесуваме интегрално. „Токму криминогеноста и незаситната алчност на нивните кадри, ги оставија АД ЕСМ и РЕК Битола во катастрофална состојба. Со нивните криминални тендери во РЕК Битола си ги наполнија џебовите и станаа светски бизнисмени на релација Нов Зеланд-Дубаи, а домашните производствени капацитети ги оставија во пустош. Има ли некој свесен во СДС да признае дека нивната деструктивна политика го доведе целиот енергетски систем до колапс? Чувствува ли некој таму трошка вина за криминалните шеми, чија единствена цел беше лично богатење на „фамилијата“? Кога СДС денес глуми загриженост за сметките за струја, кои и покрај нивниот пустош останаа стабилни, должни се да одговорат зошто го оставија ЕСМ со загуби од 140 милиони евра и долгови кон добавувачи од 80 милиони евра? Зошто го направија РЕК Битола зависен од скап увозен јаглен и зошто дозволија цената на произведената струја да достигне неверојатни 140 евра за мегават час? Да е лакрдијата поголема, додека системски го уништувале ЕСМ, во истиот период 2017-2024 година искрадиле милијарди денари од ЕСМ, за што веќе се процесирани пријави за кривично гонење за 16 предмети само од РЕК Битола, а тој број секојдневно расте. Веруваме дека надлежните институции ќе ги изведат пред лицето на правдата сите виновници кои го загрозија енергетскиот систем, вклучувајќи ги и нивните „големи директори“ Васко Ковачевски – Колбасо и Пеце Матевски – Хармоникашо, кои се директно одговорни за урнисувањето на комбинатот. Оттука на СДС им порачуваме, лажните душегрижници нема да поминат неказнето за системското уништување на македонската енергетика. Впрочем, набавката на електрична енергија е токму последица на нивното катастрофално управување со домашниот електроенергетски систем. Тоа што СДС го уништи во периодот 2017-2024 година е невозможно да се санира за кратко време. Но и покрај тоа што изминативе година и половина интензивно се работи на обнова и враќање на производните капацитети во нормална состојба и на целосна консолидација на ЕСМ, која СДС буквално ја претворија во загубар, по што и цената на електричната енергија за граѓаните остана стабилна“.