Најстарата позната аудио снимка од кит би можела да ги открие океанските мистерии Филип Здравески 16.03.2026 / 18:31 Вести Мистериозна „песна“ на кит откриена на аудио опрема децении стара би можела да отвори ново поглавје во разбирањето на тоа како овие животни комуницираат едни со други, велат истражувачите кои тврдат дека тоа е најстариот познат запис од овој вид. Тоа е „песна“ на грбав кит, џин од морето омилен кај набљудувачите на китови поради неговата питома природа и спектакуларните скокови од водата. Снимката е снимена во март 1949 година во близина на островот Бермуда, велат истражувачите од океанографскиот институт „Вудс Хол“ во Фалмут, Масачусетс. Подеднакво значаен е и звукот на самиот океан, вели Питер Тајак, морски биоакустичар и заслужен истражувач во „Вудс Хол“. Океанот кон крајот на 40-тите бил многу потивок отколку што е денес, обезбедувајќи сосема поинаква позадина на која научниците не се навикнати кога слушаат „песни“ на китови, истакнува тој. „Обновените снимки не само што ни овозможуваат да ги следиме звуците на китовите, туку ни кажуваат и како звучел океанскиот пејзаж кон крајот на 40-тите. Тоа е многу тешко да се реконструира“, рече Тијак. Зачуваната снимка од 40-тите би можела да им помогне на научниците подобро да разберат како новите, човечки создадени звуци, како што е зголемената бучава од бродовите, влијаат на начинот на кој китовите комуницираат, додаде Тијак. Истражувањето на Националната океанска и атмосферска администрација (НОАА) покажа дека китовите можат да ги менуваат своите вокални обрасци во зависност од бучавата во нивната околина. Снимката е направена речиси 20 години пред научникот Роџер Пејн да ги открие „песните“ на китовите. Научниците од „Вудс Хол“ на истражувачки брод во тоа време тестирале сонарни системи и вршеле акустични експерименти во соработка со Канцеларијата за поморски истражувања на САД кога го снимиле звукот, објасни Ешли Џестер, директорка на истражувачки податоци и библиотечни услуги во „Вудс Хол“. „Научниците во тоа време не знаеле што слушаат, но сепак решиле да ги снимат и зачуваат звуците“, рече Џестер. „Биле љубопитни. Затоа го оставиле снимачот вклучен, па дури и одвоиле време да снимаат кога намерно не правеле никаков шум од своите бродови, само за да слушнат што е можно повеќе и да ги зачуваат тие снимки“, рече Џестер. Научниците од „Вудс Хол“ ја откриле песната додека дигитализирале стари аудио снимки минатата година. Снимката била на добро зачувана плоча направена на сив аудиограф, вид на снимач на глас што се користел во 40-тите. Џестер ја пронашла снимката. Иако денешната подводна опрема би се сметала за многу пософистицирана, уредите што го снимиле овој звук биле врвот на технологијата во тоа време, рече Џестер. Исто така, значајно е што звукот бил снимен на пластична плоча, бидејќи повеќето снимки од тоа време биле на ленти кои одамна се распаднале, додаде таа. Вокалната комуникација на китовите е клучна за нивниот опстанок и е централна за тоа како се дружат и разменуваат информации. Овие звуци доаѓаат во форма на кликања, свирежи и разни повици, според научниците од НОАА кои ги проучуваат. Овие звуци им овозможуваат на китовите да најдат храна, да се ориентираат, да се лоцираат едни со други и да ја разберат својата околина во огромниот океан, велат научниците. Неколку видови произведуваат повторувачки звуци што личат на песни. Грбавите китови, кои можат да тежат повеќе од 25.000 килограми, се најпознатите океански „пејачи“, способни за сложени вокализации што можат да звучат етерично или дури и тажно. Откривањето на долго изгубена „песна“ на китови од многу потивок океан би можело да послужи како почетна точка за подобро разбирање на звуците што ги прават овие животни денес, вели Хансен Џонсон, истражувач во Центарот за океански живот „Андерсон Кабот“ при Аквариумот во Нова Англија. „Едноставно е прекрасно да се слуша и навистина инспирираше многу луѓе да бидат љубопитни за океанот и да се грижат за морскиот живот воопшто“, рече Џонсон. китови океанографија Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On