Калас: Брисел не успеа да усвои нови санкции против Русија Филип Здравески 16.03.2026 / 21:00 Свет Министрите за надворешни работи на Европската Унија не успеаја да постигнат договор за 20-от пакет санкции против Русија на состанокот одржан во Брисел, што е нов показател за сложените политички односи и различните интереси во самата Унија. Во исто време, европската дипломатија се обидува да дефинира долгорочна безбедносна стратегија во светлината на војната во Украина, кризата на Блискиот Исток и сè поизразените геополитички тензии, пренесуваат светските агенции. Шефицата на дипломатијата на Европската Унија, Каја Калас, потврди дека за време на министерските разговори во врска со новиот пакет рестриктивни мерки против Москва не е постигнат значаен напредок. Според неа, усвојувањето на новите санкции, како и одлуката за финансиска помош за Украина, остануваат предмет на понатамошни преговори. „Разговараме за тоа како да го подобриме овој процес. Ова важи и за 90-те милијарди евра финансирање за Украина“, рече Калас по состанокот. Една од клучните причини за одложувањето на усвојувањето на новите мерки е одлуката на Унгарија да блокира пакет санкции и финансиски заем за Киев во износ од 90 милијарди евра. На 23 февруари, Будимпешта стави вето на предложените мерки, реагирајќи на одлуката на Украина да го суспендира транзитот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“ на крајот на јануари. Покрај прашањето за санкциите, Советот за надворешни работи на ЕУ, според написите, го разгледа развојот на сеопфатна европска безбедносна стратегија. Калас изјави дека Брисел работи на долгорочен пристап што би вклучувал одбрана, синџири за снабдување со енергија и проценка на новите глобални закани. Европската Унија, како што нагласи таа, продолжува да ја смета Украина за еден од своите главни приоритети, и покрај фактот што конфликтите на Блискиот Исток и другите глобални предизвици делумно го одвлекоа вниманието на меѓународната заедница. Калас процени дека Москва профитира од порастот на цените на енергијата и од фактот што дел од противвоздушните системи се префрлаат од украинскиот фронт на Блискиот Исток. Сепак, Европската Унија, како што истакна таа, продолжува со политиката на санкции и постепено намалување на зависноста од руските фосилни горива. „Ако сакаме оваа војна да заврши, Москва мора да има помалку пари за војната, а не повеќе“, рече Калас, додавајќи дека притисокот врз таканаречената „флота во сенка“, односно танкери што транспортираат руска нафта под различни знамиња, е зголемен. На состанокот на министрите беше дискутирана ситуацијата во поширокото источно соседство на Европската Унија. Калас најави дека Брисел ќе испрати „хибриден тим за брза реакција“ во Ерменија, кој треба да им помогне на властите во Ереван во сузбивањето на потенцијалните закани и обидите за мешање во изборниот процес. Според планот на ЕУ, овој тим ќе помогне во подготовката на парламентарните избори што се очекуваат во Ерменија во 2026 година, а за таа цел Унијата најави издвојување на околу 15 милиони евра. „Нема да ја оставиме Ерменија сама да се соочи со странско мешање. Демократиите под притисок можат да сметаат на Европа“, рече Калас. Сепак, Москва ги гледа овие најави со сомнеж. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, оцени дека ваквите ветувања претставуваат „признавање на намерата на Европа да се меша во ерменските избори“, споредувајќи ја ситуацијата со, како што рече, „молдавското сценарио“. санкции Русија Автор/Извор Макфакс Прикажи во метро Off