Лариџани ги повика муслиманските земји да го преиспитаат својот став кон Иран

Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Лариџани, ги повика земјите со муслиманско мнозинство да го преиспитаат својот став кон Иран по војната со САД и Израел. Во писмо напишано на арапски јазик и вчера упатено до лидерите на муслиманските земји Лариџани ги повика тие земји да размислат за иднината на исламскиот свет, објави Си-Ен-Ен. „Денеска, конфликтот е меѓу Америка и Израел од едната страна и силите на отпорот од другата“, рече Лариџани, додавајќи дека САД „не се лојални на никого“, додека Израел, како што рече, е „нивен непријател“. Тој ги повика лидерите на муслиманските земји да застанат и да размислат за сопствената позиција и иднината на регионот, наведувајќи дека Иран дава „искрени совети“ и не сака да доминира над другите земји. Лариџани изјави дека Иран е изложен на она што го нарече „американско-ционистичка агресија“ насочена кон распаѓање на земјата и дека е разочаран од ограничената поддршка на земјите со муслиманско мнозинство за време на сегашната криза. И покрај нападите, тој тврди дека иранскиот народ покажал силен национален и исламски отпор. Писмото е испратено во време кога, според Си-Ен-Ен, некои муслимански земји, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Бахреин, ги осудија иранските напади на нивна територија од почетокот на конфликтот пред повеќе од две недели. САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, со како што ги нарекоа, „превентивни напади“ што дојдоа по неуспехот на повеќе рунди преговори за нуклеарната програма на Иран. Потоа Иран возврати со масовни напади врз Израел и цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток. (МИА)