Стотици загинати во ракетен напад врз болница во Кабул

Најмалку 250 мртви, а над 400 ранети во напад извршен од воздух врз здравствена установа за рехабилитација во авганистанскиот главен град Кабул, соопштија локалните медицински власти. Други претставници на властите во Кабул говорат дека бројот загинати би можел да достигне дури и 400. Во здравствената установа со околу две илјади легла се лекувале зависници од наркотици од целата земја. Очевидци велат дека во моментот на нападот во неа имало неколку стотици луѓе. Локалното население зборува за воздушни напади од невидени размери, извршени доцна синоќа само неколку часа откако официјален Пекинг соопшти дека посредува на разговори меѓу Авганистан и Пакистан. „Пакистанскиот воен режим уште еднаш го наруши воздушниот простор на Авганистан и нападна болница за рехабилитација на зависници од дрога, што уби и повреди стотици пациенти на лекување“, се наведува во соопштението на главниот портпарол на Талибанците, Забихулах Муџахид. Министерството за информации на Пакистан ги отфрла таквите тврдења. Во објава постирана преку социјалната мрежа „Икс“ пакистанското Министерство посочува дкеа нападите биле насочени кон „воени инсталации и инфраструктура за поддршка на тероризам“, вклучувајќи техничка опрема и складишта за муниција во Кабул и Нангархар. Снимки објавени од авганистанските медиуми покажуваат дека нападот предизвикал голем пожар во објектот. Пред два дена офицјален Кабул го обвини Исламабад дека извршил воздушен напад врз установа за лекување зависности и во јужната провинција Кандахар, како и дека цел на нападот било депо за гориво на приватна авиокомпанија. По повремените прекугранични воени судири од октомври минатата година, тензиите меѓу Авганистан и Пакистан ескалираа откако неколку десеттици цивили настрадаа во напади на пакистанските воздушни сили изврпени на 22 февруари. Обединети нации соопштуваат дека во прекуграничните судири претежно страдаат цивили. Според ОН, од 26 февруари се убиени најмалку 75 авганистански цивили, 193 се ранети, а илјадници се раселени, што ја влошува хуманитарната криза во земјата. Пакистан ги обвинува талибанските власти во Авганистан дека ја поддржуваат Техрик-е-Талибан Пакистан (TTP), милитантна група одговорна за многу напади во Пакистан извршени изминатите неколку децении. Кабул ги негира обвинувањата.