Повеќе од милион раселени во Либан поради израелските напади

Повеќе од милион лица во Либан биле принудени да ги напуштат своите домови од 2 март кога Израел почна со воздушните и ракетни напади врз земјата, соопштија либанските власти. Израел почна со напади врз цели во Либан откако претходно Хезболах изврши ракетни напади кон Израел, како одмазда за убиството на иранскиот верски лидер Али Хамнеи во заеднички американско-израелски воздушен напад. Медицинската хуманитарна организација „Лекари без граници“ соопшти дека масовното раселување на цивилите е последица на „безмилосно израелско бомбардирање и опсежни наредби за евакуација кои никого не поштедуваат“. Организацијата наведува дека луѓето систематски биле принудувани да ги напуштат своите села. „Забележуваме образец сличен на оној каков што сведочиме последните две и пол години во Газа – сеопфатни наредби за евакуација, непрекинато раселување на илјадници семејства и систематско бомбардирање густо населени области...По 15 месеци кревко примирје што не го сопре насилството во Либан, бројни семејства повторно се соочија со дилема меѓу бегство и соочување со бомбардирањето“, изјави Лу Кормак од „Лекари без граници“. Продолжените израелски напади врз станбени објекти ги натераа луѓето во Либан да претворат стотици училишта и јавни згради во засолништа за итно сместување. Објектите се пренатрупани, па многумина се принудени да спијат во шатори или импровизирани засолништа на улиците. Израелската армија вчера соопшти дека нејзините сили започнале копнена офанзива во делови на јужен Либан, што ги разгоре стравувањата од продолжена долготрајна  војна. Израелскиот министер за одбрана Исраел Катц предупреди дека раселените Либанци нема да можат да се вратат во своите домови се додека не биде осигурана безбедноста на Израелците што живеат во областите долж границата. Според податоците на либанските власти, во израелските напади врз Либан од 2 март досега загинале најмалку 886 лица, од кои 111 деца. (МИА)