Претседателот на Република Српска, Синиша Каран, денеска му додели на Саво Миниќ нов мандат за формирање на Владата на Република Српска. „Станува збор за техничко прашање, но од политички аспект, ова е силна порака за институционалната сила и стабилност на Република Српска“, рече Каран на прес-конференција во Палатата на Републиката. Каран истакна дека ова е последица на кризата во Босна и Херцеговина и напад врз нејзината стабилност, прво преку напад врз претседателот на Република Српска, Милорад Додик, а потоа и врз Владата на Република Српска. „Овој чин е последица на најголемата уставна и политичка криза во Босна и Херцеговина создадена од Кристијан Шмит, кој дејствува како протектор, како да владее со Босна и Херцеговина, како да има супремација над сите владини институции. Тој влезе во законодавната сфера и ја поништи волјата на граѓаните кои го избраа Додик за претседател“, рече Каран. Каран нагласи дека ќе го предложи Миниќ на гласање во Народното собрание за да продолжи таму каде што застана и да ја покаже силата на институциите на Република Српска, кои по сите удари имаат сила да се борат и да ја зачуваат стабилноста. „Миниќ донесе нова енергија во овие предизвикувачки времиња. Владата покажа резултати што се видливи за нашите граѓани. Стигнавме до сржта на секој проблем и денеска имаме институции и влада што покажа сила и цврстина. Да продолжиме понатаму, да ги зајакнеме нашите институции“, рече Каран на прес конференцијата во Палатата на Републиката во Бања Лука. (МИА)