Украдени податоци од корисничката база на Телеком Србија

Компанијата Телеком Србија соопшти денеска дека е украден мал дел од податоците од нејзината корисничка база, што се однесуваат на услугите на сателитската телевизија „m:SAT tv“. Компанијата го пријави случајот со таа кражба, чии сторители сè уште се непознати, во Одделот за високотехнолошки криминал при Министерството за внатрешни работи на Србија. „Со оглед на тоа што сторителите на ова дело нè контактираа со цел да нè уценуваат, комуникацијата со нив беше спроведена во координација со МВР и според нивните упатства, за да можат сторителите да бидат идентификувани и пронајдени што е можно побрзо“, се наведува во соопштението на компанијата Телеком Србија. Тие тврдат дека безбедноста на телекомуникациските услуги не е загрозена и сите услуги се обезбедуваат без прекин. Веб-страницата „dailydarkweb.net“ објави дека државната компанија Телеком Србија „претрпела повреда на безбедноста на податоците при што биле погодени 160.000 кориснички записи“. „Неидентификувана страна неодамна ја објави базата на податоци на интернет, тврдејќи дека информациите се украдени од интерен портал на компанијата“, се вели на страницата. Наводно компромитираните податоци вклучуваат: целосни имиња на корисниците, нивните адреси на живеење, датуми на раѓање, телефонски броеви, идентификациски броеви (ЕМБГ). (МИА)