На денешното сведочење пред судот, Маја Тимовска, раководител на Секторот за превенција, планирање и развој во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), појасни дека сите учесници во системот за заштита и спасување на територијата на Република Северна Македонија се должни да достават четири документи: елаборат за заштита и спасување, правилник за заштита од пожари, процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, како и план за заштита и спасување. - Учесниците во системот во согласност со законот потребно е да достават четири документи,и тоа елаборат за заштита и спасување и тој по електронски пат преку електронскиот систем се доставува до Дирекцијата за заштита и спасување конкретно во Скопје и во сите 34 подрачни одделенија за заштита и спасување во зависност од тоа во кој регион припаѓа објектот што се гради, реконструира или пренаменува во однос на елаборатот. Понатаму, сите учесници се должни да изработат правилник за заштита од пожари, процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи и да изработат план за заштита и спасување - рече таа. Тимовска додаде дека позитивно мислење се издава само доколку сите документи се целосно застапени, а во спротивно се посочуваат мерки и активности што треба да се преземат. Во врска со конкретниот случај со објектот „Пулс“ во Кочани, Тимовска нагласи „не би можела да кажам дали се поднесени вакви елаборати бидејќи тоа се доставува директно до подрачното одделение во Кочани“. Тимовска, која е дел од ДЗС од неговото основање во 2005 година, сведочеше и за начинот на функционирање на Дирекцијата. Таа објасни дека програмата за работа ја одобрува директорот, а секоја година се доставува до Владата. - Во табеларниот дел што ни се доставува како формат секој сектор наведува конкретни активности, носител на активноста и со кого соработува - рече таа. На прашањето дали управителите на „Пулс“ имале обврска да ја достават документацијата, Тимовска одговори потврдно. - Сите учесници во системот се должни да достават план, процена и правилник до Подрачното одделение за заштита и спасување Кочани, како и електронски елаборат преку Општината - рече таа. Прашана дали во годишниот план и програма може да се предвидуваат инспекциски надзори во подрачје каде што нема инспектор за заштита и спасување, таа одговори дека во годишната програма и извештајот не се наведуваат детално, само генерално е наведено дека се организираат и спроведуваат надзори но не и регионот и таму каде што има или нема, односно, како што рече, не се опишуваат согласно табелатниот преглед. По ова прашање, јавната обвинителка побара да ѝ се предочи исказот што Тимовска го дала во Обвинителството во април 2025 година, кој се разликува од денешното сведочење. На вкрстени прашања од одбраната Тимовска истакна дека методологијата за изработка на планската документација е донесена уште во 2006 - 2007 година и оттогаш не е изменета. - Процената, правилникот и планот не служат само за Дирекцијата да даде мислење, туку јасно ги пропишуваат мерките што секој субјект треба да ги преземе за спречување ризици - истакна таа. Во врска со елаборатот за заштита од пожари, кој го нарече „круцијален документ“, рече дека во него јасно се пропишани мерките за заштита од пожари и тој служи како база за изработка на сите следни документи. На прашање на судот дали доколку инспектор има забележано или има добиено сознание дека некој објект нема поднесено барање преку Општината до подрачната единица на ДЗС, дали може да реагира, самоиницијативно да изврши некој надзор или за тоа му треба некое одобрување, сведокот одговори „не би можела да служам, не е моја надлежност“. Претходно, на денешното судење, сведок - технички советник, Верица Милевска-Стефановска, претседателка на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, сведочеше за законските процедури за добивање лиценца, обврските при склучување договори за обезбедување, како и овластувањата на работниците при контрола на влез и присуство на малолетници во објекти. Во сведочењето таа посочи дека обезбедувањето требало да реагира за присуство на малолетници по полноќ, а пиротехниката била безбедносен ризик. Судењето се наоѓа во доказна постапка и продолжува на 19 март со сослушување сведоци на Обвинителството. Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.