Делегација на секцијата на Собранието во ПС на франкофонијата ги посети билингвалните паралелки на француски јазик во СОУ „Васил Антевски Дрен“

Делегација на секцијата на Собранието во Парламентарното собрание на франкофонијата вчера ги посети билингвалните паралелки на француски јазик во средното училиште „Васил Антевски Дрен“ во Скопје, по повод месецот на Франкофонијата, соопшти денеска собраниската прес-служба. Во делегацијата беа пратениците Иванка Василевска, претседател на Секцијата, Саранда Имери Стафаи и Драгана Бојковска, членови на Секцијата. Во придружба на делегацијата беше градоначалничката на Општината Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, како и Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје. Мешовитата делегација се сретна со директорот на средното училиште, наставниците во билингвалните паралелки на француски јазик и присуствуваше на училишна презентација на учениците, каде пратениците имаа можност директно да им се обратат на учесниците кои го изучуваат францускиот јазик и да им дадат поддршка. Целта на посетата беше да се разменат мислења и искуства во однос на работата на билингвалните паралелки, како и да се охрабрат учениците да го изучуваат францускиот јазик како и другите европски јазици со што ќе имаат подобро меѓукултурно разбирање. Пратениците испратија пораки дека јазичната разноликост е алатка за постигнување на поголемо меѓукултурно разбирање и збогатување на културното наследство на европскиот континент, се наведува во соопштението.