Херера: Македонија ми е како татковина

Фудбалската репрезентација на Македонија по долго време повторно ќе има фудбалер кој е роден во странство, но ќе игра за дресот со државниот грб затоа што поседува македонски пасош. 31-годишниот дефанзивец Себастијан Херера доби деби-повик од селекторот Гоце Седлоски за баражот за СП 2026. Се работи за играч кој настапува за Борац Бања Лука од БиХ и игра константно, а е лев бек. " Благодарен сум му на селекторот Седлоски што ме повика во репрезентацијата и спремен сум со своите игри и залагање и однос кон дресот да го оправдам тоа. Македонија е моја втора татковина, таму израснав фудбалски, стекнав пријатели, ја запознав сопругата, научив јазик и обичаи. Знам дека од „странците“ се очекува да донесат повеќе квалитет на теренот, ама јас сум спремен за тој предизвик. Повикот за Македонија за мене е голема чест и гордост што ќе играм за националниот тим“, изјави Херера.