Николоски за предлогот на Савевски: Потребен e нов пристап и личност со искуство, која ќе може да придонесе за промена на состојбите

Заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, образложи зошто Ненад Савески е предложен за нов државен јавен обвинител, нагласувајќи дека правосудниот систем се соочува со сериозен недостиг на доверба кај граѓаните. „Обвинителско-правосудниот систем не влева доверба, а рејтингот на институциите е околу 2 проценти. Граѓаните почесто гледаат неправда отколку правда“, изјави Николоски. Тој посочи дека токму затоа е потребен нов пристап и личност со искуство, која ќе може да придонесе за промена на состојбите. Како кандидат, Владата го предлага Ненад Савески, кој има долгогодишна кариера во правосудството, како обвинител и судија. Според Николоски, Савески ја започнал кариерата во Основниот суд во Гостивар во 2000 година, а подоцна бил стручен соработник, јавен обвинител и судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Дополнително, како што истакна, Савески бил дел од повеќе домашни и меѓународни експертски групи, ангажиран во проекти на ОБСЕ, Советот на Европа и други организации, како и во законски реформи и обуки поврзани со кривичната постапка и посебните истражни мерки. „Се работи за човек со сериозна биографија, без дамки во кариерата, кој постојано се дообразува и има меѓународно искуство“, нагласи Николоски. Тој додаде дека Савески говори повеќе јазици и дека е „еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство“. Николоски потенцираше дека од новиот јавен обвинител се очекува да донесе резултати и да ја подобри работата на институцијата, но истовремено нагласи дека за тоа е потребна поддршка од целиот обвинителски систем. „Еден човек не може сам. Потребен е тим и координација за да се испорача правда на сите нивоа“, изјави тој, повикувајќи на поддршка за кандидатурата.