Божиновска – Милер: Заедничка заложба за политики што ги ставаат децата и младите во фокусот на енергетската и општествената транзиција

На средбата беа разгледани можностите за унапредување на меѓусекторската соработка со цел креирање политики што директно придонесуваат за подобрување на благосостојбата на децата и младите, особено во контекст на енергетската транзиција, климатските предизвици и намалувањето на енергетската сиромаштија. Министерката Божиновска истакна дека Министерството е посветено на развој на инклузивни и одржливи политики, при што особено внимание се посветува на ранливите категории граѓани, вклучително и децата, како и на обезбедување пристап до сигурна, достапна и чиста енергија за сите домаќинства. „Енергетските политики не се само економско прашање – тие имаат директно влијание врз квалитетот на живот, здравјето и иднината на децата. Затоа, нашата заложба е да градиме систем што ќе биде праведен и одржлив за сите генерации“, истакна Божиновска. Претставничката на UNICEF, Милер, ја поздрави посветеноста на институциите кон градење политики базирани на правата на децата и ја нагласи важноста од интегрирање на детската перспектива во сите јавни политики, вклучително и во секторите кои традиционално не се директно поврзани со детската заштита, како што е енергетиката. На средбата се разговараше и за потенцијални заеднички иницијативи во делот на едукација, подигнување на јавната свест и вклучување на младите во процесите на креирање политики, како и за поддршка на програми што придонесуваат за одржлива и зелена иднина. Претставниците на УНИЦЕФ ги презентираа своите активности во областа на стручното образование и обука, вклучително менторство на наставен кадар и спроведување обуки за ученици од средно образование. Во таа насока, беше потенцирана важноста од заеднички активности насочени кон подигнување на свеста кај младите за теми како што се чист амбиентален воздух, енергетска ефикасност и одржливи практики. Дополнително, беше разгледана можноста за вклучување на УНИЦЕФ во постоечките активности на Министерството, особено во делот на практична настава и ангажман на студенти. Соговорничките изразија подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период, со заедничка цел – создавање подобри услови за развој, еднакви можности и посигурна иднина за секое дете.