Ресторани и училишта се затвораат, се препорачува пешачење и работа од дома Недостатокот на гориво веќе се чувствува низ целиот свет Филип Здравески 18.03.2026 / 14:51 Свет Војната на Блискиот Исток и затворањето на Ормускиот Проток не се одразува само на цената на нафтата, туку и на недостатокот на истата. „Влијанието на ослабените енергетски резерви се чувствува низ целиот свет... Земјите се потресени“, рече извршниот секретар на Рамковна конвенција на ОН за климатски промени, Сајмон Стил, на Самитот на ЕУ за зелен раст. Не се зголемуваат само сметките за струја. Откако започна војната во Иран, цените на бензинот и нафтата вртоглаво растат, а ефектите може да се видат насекаде, од училиштата во Бангладеш до владините канцеларии во Тајланд. Глобалната криза следеше откако САД и Израел го нападнаа Иран, а Техеран потоа возврати со напад на бродови во Ормускиот Проток, премин широк 38 километри низ кој минува една петтина од светската нафта. Сето ова покажува дека светот е премногу зависен од увоз на фосилни горива. Затворање на училиштата и скратено работно време Бангладеш ги затвори универзитетите минатата недела поради криза со горивото, поместувајќи го празникот Рамазан бајрам за да заштеди енергија и да ја намали потрошувачката на гориво во сообраќајот. Вонредните мерки во Пакистан отидоа чекор понатаму. Училиштата се затворени две недели, а на универзитетите им е наредено да ја префрлат наставата во онлајн формат. Буџетите за гориво во државните институции се намалени за 50%, а јавните служби се префрлија на четиридневна работна недела, додека половина од вработените ќе работат од дома. На Филипините беше воведена четиридневна работна недела како одговор на зголемувањето на цените на горивата. Во Тајланд, препораките за државните службеници беа подетални: искачување по скалите наместо со лифт, зголемување на температурата на климатизацијата на 27 степени и носење кошули со кратки ракави наместо одела. Виетнам, кој е во голема мера зависен од увозот на енергија од Блискиот Исток, ги повика компаниите да ги охрабрат вработените да работат од дома. West Asia crisis triggers LPG shortage in India; Hotels turn to firewood, eateries cut menu https://t.co/DBAsKnLUrb ️️ #WestAsiaCrisis #LPGShortage #IndiaNews pic.twitter.com/NK4n2zY9TN — Economic Times (@EconomicTimes) March 12, 2026 Патувањето е скапо и ограничено Глобалното патување е во хаос од почетокот на војната со Иран. Цените на авионските билети брзо растат поради трошоците за гориво, додека распоредот на летови е изменет и значително намален поради затворањето на воздушниот простор на Блискиот Исток. Летовите што сè уште работат мора да користат подолги рути за да ги избегнат ризичните зони, што го продолжува времето на патување, ја зголемува потрошувачката на гориво и емисиите. Австралиската авиокомпанија Qantas беше принудена да го пренасочи својот лет Перт-Лондон, кој сега вклучува и станица за полнење гориво во Сингапур, со што патувањето е продолжено за 3 часа. Се очекува цените на билетите да продолжат да растат во текот на летото, дури и ако конфликтот стивне. Ширум светот, растечките цени на бензинот и дизелот доведоа до панично купување на бензинските пумпи, додека владите повикуваат на смиреност. Во Австралија, десетици бензински пумпи, па дури и поединечни градови, останаа без гориво, поради што некои добавувачи воведоа ограничувања за клиентите. Стравувајќи од недостиг, Австралија ги олабави стандардите за квалитет на горивото, дозволувајќи враќање на т.н. валкано гориво со висока содржина на сулфур, што е поврзано со сериозно загадување на воздухот. Во Обединетото Кралство, на возачите им се препорачува да избегнуваат непотребни патувања. „Возачите можат да го намалат возењето кое не е потребно и да го прилагодат својот стил на возење за да заштедат гориво“, рече Едмунд Кинг, претседател на АА, најголемата автомобилска организација во земјата. Безбедноста на храната е во опасност Како јасен пример за поврзаноста помеѓу фосилните горива и прехранбените системи, Египет ја ограничи цената на лебот поради страв од инфлација. Се очекува високите цени на горивата да ги зголемат трошоците за производство и транспорт, што ќе влијае и на земјоделците и на потрошувачите. Лебот е основна прехранбена стока во Египет, најголемиот увозник на пченица во светот. Цената на житото неодамна се зголеми за околу осумкратно, од околу 2.000 египетски фунти по тон на 16.000 фунти. Азотните ѓубрива, кои се широко користени низ целиот свет, се многу зависни од природниот гас како суровина и извор на енергија, што дополнително го изложува производството на храна на пазарни шокови. Европската Унија се обиде да ја намали својата зависност од увоз на азотни ѓубрива од Русија со воведување рестриктивни тарифи, но тоа нема да ја заштити од зголемувањето на цените на бензинот. Во некои земји, последиците се уште подиректни. Рестораните во Индија беа принудени да ги прилагодат менијата или привремено да ги затворат своите врати затоа што нема гас за готвење. „Зависноста од фосилни горива значи дека економиите, буџетите на домаќинствата и деловните перформанси се на милост и немилост на геополитичките шокови и нестабилните цени во хаотичниот свет. Пасивната зависност од увозот на фосилни горива ја става Европа во позиција постојано да се сопнува од криза во криза, додека домаќинствата и индустријата буквално ја плаќаат цената. Сето ова ќе се случи бидејќи климатските катастрофи предизвикуваат зголемена штета низ целиот свет, зголемувајќи ги трошоците и забавувајќи го економскиот раст, со огромни човечки жртви“, рече Стил. Според него, обновливите извори на енергија ги менуваат правилата на играта. нафта Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On