Бугарските европратеници се разоткрија – или бугарска Македонија во ЕУ, или никаква!

Поднесените амандмани на извештајот за Македонија во Европарламентот искристализираа две јасни позиции во однос на македонските евроинтеграции. Првата, за намерата на Софија да поставува вето на македонскиот евроинтегративен пат се до остварување на стратешката цел - македонски идентитет, но само по 1945-та година. И втората, свесноста кај европратениците, па и цела ЕУ дека преговарачката рамка и условот - вметнување на Бугарите во уставот за отворање на поглавјата е само стапица за остварување на таа цел. Со поднесените 100 амадмани на извештајот на Вајц бугарските парламентарци во ЕП практично најавуваат дека и да се вметнат Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, тие нема да застанат со нови барања. Типичен пример за тоа е нивната „загриженост“ за јазичните права. Замислете бугарските европарламентарци со амандмани жестоко ја бранат употребата на албанскиот јазик во Македонија, оти била загрозена од одлуките на Уставниот суд, па дури бараат враќање и на Балансерот. Всушност, Софија не е загрижена за Албанците, туку за остварување на следните чекори од планот, по вметнување на Бугарите во уставот. Тој план предвидува ревизија на попис, согласно нејзините податоци на издадени двојни државјанства на македонски граѓани, кои Бугарија од тој момент ќе ги смета за свои. Тоа ќе биде следниот чекор на континуирани условувања за бугарски карактер на сѐ што живее на македонска територија. Се ќе мора да биде опфатено и со законот за јазици (бугарски јазик) и со балансерот и со обезбедување на сите други права. До кога? Веројатно додека не станат мнозинство според диоптерот на Софија. Затоа преку амандманите на Валчев, Ковачев и Стојанов се бара наместо отворањето на преговорите за кластерот „Основи“ да се случи веднаш по уставните измени, тоа да се замени со фразата: „да продолжи процесот на пристапувањето“! Во други амандмани се бара напредокот на Македонија да се утврдува не само согласно заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, туку и низ посебни извештаи за фамозниот Втор Протоколот меѓу двете влади. Таа стапица е одамна прочитана од актуелната македонската влада. Тоа што го бараат Бугарите е посебно внимание и годишни извештаи од работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, и други извештаи поврзани со спроведувањето на Договорот за добрососедство. На тој начин, билатералните прашања со Софија би добиле посебно место, во посебен извештај на годишно ниво. Тоа значи дека се што нема да биде прифатено од диктатот од Софија ќе биде повод за ново и ново вето. Координираната глупост на бугарските европарламентарци оди дотаму што европратеникот Ковачев бара Македонија да слави заедничка историја и личности само со соседни земји што се „членки на ЕУ“. Ако Грција бега од секаква врска со денешната македонска држава, тогаш останува само „заедништвото“ со Бугарија. Се бара и враќање на старите правила за регистрирање на бугарските клубови со провокативни и фашистички имиња на личности и настани, оти сегашното решение било дискриминирачко за бугарското малцинство! Шлагот на бугарската торта е и амандманот за промена на Акцискиот план за малцинствата кој Македонија го подготви со експерти од Советот на Европа, со образложение дека не обезбедува ефективна заштита од говорот на омразата и од насилствата врз Бугарите. Во налетот на ваков бугарски негаторски напад, без дипломатски ракавици, самиот известувач Томас Вајц е принуден на преседан. Преку амандма бара од правната служба на Европскиот совет под итно да ги разјасни „сите двосмислености околу правниот статус во процесот на пристапување кон ЕУ на вториот билатерален Протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство“ меѓу Бугарија и Македонија! Значи опасноста е препозната и лоцирана. Вајц бара, не од Европскиот Парламент, не од Европската Комисија, туку директно од телото кое одлучува, Европскиот Совет да се изјасни што значат неговите заклучоци и спомнувањата на протоколот. Каква би била неговата улога во случај на нов билатерален спор? Дали може да се користи како инструмент за вето? Иако Вајц не спомнува никакви гаранции за Македонија, какви што бара Скопје, сепак тој од највисокото тело на ЕУ, патем чиј претседател Кошта потврди дека ја разбира потребата од гаранции, бара начин ЕУ повторно да не се избламира поради бугарските барања, а по сите дадени ветувања на Македонија. Иако обесхрабрен од нова жестока бугарска реакција за македонскиот јазик и идентитет, како ланската, известувачот овој пат ја препозна бугарската стратегија. Вајц сега предлага амандман со кој се признава постоењето на различни толкувања во врска со потеклото на македонскиот јазик и идентитет, но нагласува дека неговиот извештај нема за цел да прејудицира или да го ограничи научниот дискурс за овие прашања, ниту пак тие толкувања да имаат влијание врз Копенхашките критериуми и Преговарачктаа рамка. ПС Отворените, јавни и во најмала рака безобразни амандмани на бугарските Европратеници, всушност покажуваат дека Софија не ја сака Македонија во Европската Унија таква каква што е, па дури и со вметнати Бугари во Уставот. Или кратко кажано ИЛИ БУГАРСКА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, ИЛИ НИКАКВА!