Семејството е првoто училиште. Таму учиме да сакаме, но и да тепаме. Во него ги учиме првите зборови, првите чекори, првите вредности. Таму учиме дека љубовта може да боли. Децата не се раѓаат насилни. Тие го учат насилството од нас. Го гледаат таткото како ја удира мајката, како таа молчи и го оправдува „заради децата“. И тој модел го пренесуваат понатаму. И така, местото што треба да го чувствуваме како најбезбедно засолниште, станува извор на болка и страв. Истражувањата покажуваат дека децата што растат во насилни домови има многу поголема веројатност да станат или жртви или насилници во своите идни врски. Тоа не е судбина. Тоа е семејна програма, образец што се пренесува од генерација на генерација како генетски код. Сите сме свесни дека семејното насилство не е само физички удар, тоа е и тишината што го задушува секој обид за отпор, тоа е и психолошката манипулација што ја крши самодовербата, тоа е и економската контрола што ја одзема слободата. Жртвата често останува заробена во кругот на насилство, токму затоа што семејството, кое треба да биде поддршка, често станува соучесник. Прекинувањето на тој циклус е најголемиот предизвик, но и најважната задача. Семејството може да биде првата линија на одбрана. Кога жртвата ќе најде поддршка кај најблиските, кога ќе почувствува дека не е сама, тогаш се отвора патот кон излез од насилството. Но кога семејството молчи, кога соседите молчат, кога институциите молчат, тогаш насилството продолжува. Тишината станува соучесник. Зошто толку често молчи? Зошто „семејната чест“ е поважна од животот на ќерката? Зошто тоа „што ќе речат луѓето“ е посилно од вистината дека син ти учи да биде насилник? Затоа семејството често станува најголемиот соучесник. Не затоа што сите сакаат зло, туку затоа што „така се правело отсекогаш“. Помислете на жените што трпат насилство и повеќе од 20 години. Тие никогаш не се целосно сами. Често имаат татко, мајка, свекрва, свекор, браќа, сестри… Кога тие ќе ја прашаат „зошто не си заминала“, всушност прашуваат „зошто ја нарушуваш семејната слика што ја градевме со децении“. Но кога ќе речат „не си должна да го трпиш тоа, ќе ти помогнам да си заминеш“, „ќе ти најдам адвокат, ќе ти помогнам со внуците“, „ќе ти помогнам финансиски“ – тогаш семејството станува херој. Не институциите. Не државата. Туку семејството. Семејството е истовремено најопасното и најмоќното оружје против насилството. Провокацијата е едноставна Ако во твоето семејство постои модел на контрола, понижување или молчење пред неправда, ти си следниот во редот што треба да одлучи. Ќе го копираш или ќе го скршиш? Ќе кажеш „тоа е наша работа“ или „ова завршува со мене“? Зашто секојпат кога ќе замолчиш за „семејната хармонија“, ти не го штитиш мирот, туку го поддржуваш насилството. Инспирацијата е уште поедноставна Прекинатиот синџир бара храброст во мал гест. Еден повик. Една рака. Една реченица: „Во нашето семејство, љубовта не боли“, „во нашето семејство ова завршува овде“, „тука љубовта не боли“… Тој гест не спасува само една личност. Тој го репрограмира целото семејство. Го менува наследството од „трпи“ во „ослободи се“, од „молчи“ во „зборувај“. Семејството не е судбина. Тоа е избор што се повторува со секоја генерација. Денес ти си тој избор. Ќе го продолжиш стариот код или ќе напишеш нов? Зашто децата не наследуваат само боја на очи, тие го наследуваат и моделот на љубов што им го даваме или моделот на страв што им го оставаме. Одлуката е наша. И е сега. Проф. д-р Македонка Радуловиќ Авторката е редовна професорка на Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет на УКИМ