Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши. Во изјава за медимуте по средбата со Гаши, Савески се заблагодари за изборот и истакна дека му е познат обвинителскиот систем и оти очекува заедно со сите јавни обвинители добро да си ја вршат својата работа и да ги задоволат очекувањата на граѓаните. Собранието, вчера, со 66 гласа „за“ го избра Савески за нов државен јавен обвинител. Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски. Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор. Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд - Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавните обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ. Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки - казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник. Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески, наведено е дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ - Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД. Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка. Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право. Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации. Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.