​Бесплатни терапии за ментално здравје во Драчево: Нова услуга на Општина Кисела Вода во соработка со здружението „Холизам“

Бесплатни обуки за ментално здравје и психолошка отпорност ќе се реализираат во просториите на Домот на култура во село Драчево, преку соработката на Општина Кисела Вода со здружението за едукативен, психолошко-педагошки и социјален развој „Холизам“. Овие активности се наменети за поддршка на жените кои се наоѓаат во социјален ризик и не можат да си дозволат ваков вид професионална помош, за мајките на деца со попреченост, како и за сите оние кои поминуваат низ тешки животни кризи и имаат потреба од стручен разговор. Услугата вклучува групни работилници со психолог и педагог, фокусирани на јакнење на самодовербата, емоционалната стабилност и градење механизми за справување со стресот. Дополнително, во текот на месецот, предвидена е и можност за бесплатни индивидуални сесии за две жени кои ќе имаат најголема потреба од ваков тип поддршка. Сите заинтересирани граѓанки кои припаѓаат на овие категории, својот термин можат да го закажат телефонски на броевите 070 431-775 и 071 236-927, секој работен ден во периодот од 09:00 до 15:00 часот. -Ниту една жена не смее да се чувствува заборавена или сама во својата борба. Свесна сум дека жените кои се соочуваат со социјални потешкотии и мајките на децата со попреченост, го носат најголемиот товар на своите плеќи, а честопати немаат каде да побараат поддршка за себе. Затоа, овој проект кој го спроведуваме во соработка со здружението „Холизам“ не е само обична обука, туку конкретна и реална поддршка. Преку работа со стручни психолози и педагози, сакаме да им овозможиме простор каде ќе ги зајакнат своите лични капацитети и стабилност. Ги повикувам сите кои имаат потреба, без двоумење да се јават и да ги искористат овие бесплатни терапии, бидејќи градењето здрава заедница започнува токму од поединецот- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.