Европската Унија мора да се подготви за нов бран на миграција, предупредија денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони и данската премиерка Мете Фредериксен во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакнувајќи го ризикот од хуманитарна криза слична на онаа од 2015 година. Во писмото, кое го виде порталот „Еурактив“ со седиште во Брисел, италијанската и данската премиерка предупредуваат дека конфликтите на Блискиот Исток би можеле да предизвикаат голем бран бегалци и мигранти, што не само што би претставувало хуманитарна катастрофа за погодените, туку би ја загрозило и безбедноста и кохезијата на Унијата. „Можеме поефикасно да им помогнеме на луѓето со директно насочување на поддршката кон нивните региони на потекло“, рекоа Мелони и Фредериксен. Во писмото се додава дека Комисијата и надлежните агенции на ЕУ треба да бидат подготвени да обезбедат брза поддршка по барање, како и да истражат механизми за итен одговор во случај на ненадејни миграциски бранови. „Им должиме на европските граѓани и на засегнатото население да дејствуваме брзо и да бидеме подготвени. Овој пат, мора да бидеме подготвени и да дејствуваме“, нагласуваат Мелони и Фредериксен. Премиерките нагласуваат дека проширениот конфликт во регионот е веќе загрижувачки и дека постои потреба ЕУ веднаш да обезбеди соодветна поддршка на земјите-партнери. „Не смееме да си дозволиме да бидеме изненадени како во минатото. Ова значи понатамошно зајакнување на нашите граници и обезбедување дека сите земји-членки на ЕУ се соодветно опремени за контрола на надворешните граници“, наведуваат тие.