Иран повикува на регионална координација во разговорите со Турција, Египет и Пакистан

Министерот за надворешни работи на Иран повика на будност и регионална координација во одделни разговори со своите колеги од Турција, Египет и Пакистан, додека војската предупреди на построг одговор на какви било понатамошни напади врз енергетската инфраструктура на земјата, објавија државните медиуми. Откако неговите енергетски објекти во гасните полиња Јужен Парс и Асалуе беа нападнати вчера, Иран возврати на она што го нарече енергетски објекти поврзани со САД во земјите од Заливот, вклучувајќи го и индустрискиот град Рас Лафан во Катар, најголемиот комплекс за течен природен гас во светот. „Во разговорите со своите странски колеги, Арагчи го оцени нападот на САД и ционистичкиот режим (Израел) врз иранската инфраструктура како чин насочен кон ескалација на тензиите и дестабилизација на регионот и повика на будност и координација меѓу регионалните земји како одговор на овие закани“, објавија денеска иранските медиуми. Портпаролот на Здружениот штаб на иранските вооружени сили изјави дека неодамнешните напади врз енергетската инфраструктура на земјата доведоа до „нова фаза во војната“ во која Иран нападна енергетски објекти поврзани со САД и американските инвеститори во регионот. „Доколку нападите (врз енергетската инфраструктура на Иран) се повторат, понатамошните напади врз вашата енергетска инфраструктура и онаа на вашите сојузници нема да престанат сè додека не биде целосно уништена, а нашиот одговор ќе биде многу поостар“, рече Ебрахим Золфакари. (МИА)