Хегсет: Секако дека ќе ја завршиме работата во Иран, денеска следат нови големи напади

Хегсет: Секако дека ќе ја завршиме работата во Иран, денеска следат нови големи напади Александра Спасеска 19.03.2026 / 14:11 Свет Министерот за војна на САД, Пит Хегсет, одржа прес-конференција за војната во Иран, велејќи дека САД ќе продолжат со интензивни напади и нема да запрат додека не заврши операцијата. На почетокот од своето обраќање, тој рече дека разговарал со семејствата на шесте американски војници кои загинаа минатата недела кога воен авион за полнење гориво се урна над Ирак. Тој истакна дека семејствата побарале операцијата да продолжи. „Тие рекоа: 'Завршете го ова, почитувајте ја нивната жртва, не се откажувајте и не застанувајте додека не се заврши работата'“, рече Хегсет. Тој додаде дека и тој и американскиот претседател одговориле едноставно: „Секако дека ќе го завршиме ова. Ќе ја почитуваме нивната жртва“. Хегсет, исто така, рече дека кога ги примил телата на паднатите војници во воздухопловната база Довер, заедно со американскиот претседател Доналд Трамп и генералот на воздухопловните сили Ден Кејн, видел „непоколеблива решителност“ кај семејствата. Зборувајќи за текот на војната, тој најави нови напади. „Денес ќе биде најголемиот пакет напади досега, како што беше и вчера“, рече тој. Тој нагласи дека американските воени операции се одвиваат според планот и дека воздушната одбрана на Иран е „срамнета со земја“, а неговата одбранбена индустрија е „во голема мера уништена“. Додаде дека САД потонале повеќе од 120 ирански воени бродови и ги уништиле сите 11 ирански подморници. Според него, нападите на САД и Израел погодиле повеќе од 7.000 цели во Иран и неговата воена инфраструктура. „Досега погодивме повеќе од 7.000 цели низ Иран и неговата воена инфраструктура. Ова не е постепена акција. Ова е огромна сила применета со прецизност“, рече тој. Тој додаде дека капацитетот за производство на балистички ракети на Иран е „веројатно најтешко погоден“ и опаднал за 90 проценти од почетокот на конфликтот. „Дроновите, замислете ги камиказе дронови, исто така се намалени за 90 проценти“, рече тој. На крајот од својот подготвен говор, Хегсет упати и религиозен апел до јавноста. Тој ги повика Американците да се молат за американските војници „на колена со своите семејства, во своите училишта и цркви, во името на Исус Христос“. Кога новинарите го прашаа кои земји најмногу соработуваат со САД, Хегсет го издвои Израел. „Израел беше неверојатен и способен партнер од првиот ден, подготвен и способен“, рече тој. Додаде дека земјите од Персискиот Залив, исто така, „ја зголемија својата соработка огромно“. „Горди сме што ги браниме, стоиме со нив, како и да сакате. Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин, Кувајт, Саудиска Арабија и други“, рече тој. Заклучи велејќи дека нема конкретен рок за завршување на војната. „Тоа на крајот ќе го одлучи претседателот, кога ќе процениме дека сме го постигнале она што ни е потребно за да ја обезбедиме безбедноста на американскиот народ. Значи, нема конкретен рок. Но, ние сме апсолутно на вистинскиот пат“, рече Хегсет. Remote video URL САД Иран Пит Хегсет Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On