Безбедносната состојба во државата е стабилна, но институциите внимателно ги следат глобалните случувања и нивното можно влијание врз економијата, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски. Во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21, Мисајловски посочи дека надлежните служби постојано ја анализираат состојбата и подготвуваат извештаи за безбедносните ризици. „Често пати изнесувам само некласифицирани информации. Безбедносната состојба во Македонија е стабилна, но мора да внимаваме на потенцијалните економски индикатори“, изјави Мисајловски. Тој нагласи дека овие прашања биле разгледувани и на седница на Советот за безбедност на Северна Македонија, каде што било посочено дека глобалните кризи можат директно да влијаат врз економските текови. Според министерот, една од најчувствителните точки е состојбата околу Ормудскиот теснец, низ кој минува значителен дел од светската трговија со нафта. „Околу една петтина од светската нафта поминува низ Ормудскиот теснец. Кога таму има тензии, тоа веднаш влијае врз пазарите и економијата“, истакна Мисајловски. Тој додаде дека веќе се чувствуваат последици на глобалните пазари, особено во делот на енергенсите. „Може да видиме дека на бензинските пумпи се јавуваат ценовни шокови за граѓаните, со покачување на цените на енергенсите и горивата. Тоа се процеси кои зависат од глобалните случувања, но нивната рефлексија се чувствува и кај нас“, рече министерот. Мисајловски потенцираше дека институциите продолжуваат внимателно да ја следат ситуацијата, со цел навремено да се реагира доколку има поголеми безбедносни или економски последици.