Пролетта започнува денеска во 15:46 часот Филип Здравески 20.03.2026 / 11:58 Живот Според Централноевропската временска зона, астрономската пролет 2026 година започнува денеска во 15:46 часот. За разлика од фиксниот календарски датум што многумина го паметат, почетокот на пролетта зависи од астрономските и метеоролошките закони. Астрономски, пролетта на северната хемисфера започнува во моментот на пролетната рамноденица. Ова е точниот момент кога Сонцето го преминува небесниот екватор и денот и ноќта се речиси еднакви по должина. Овој чин го означува почетокот на подолгите денови по зимата. Земјата се движи околу Сонцето, а нејзиниот орбитален период не е точно 365 дена, па затоа календарскиот датум на пролетта може да падне на 19, 20 или дури и 21 март, во зависност од годината и временската зона. Значи, иако можеби научивме дека пролетта започнува на 21 март, во последните години и децении, пролетта најчесто се случува на 20 март, што е резултат на начинот на кој нашиот календар ја следи вистинската астрономска година. Метеоролозите го следат порастот и падот на температурите и состојбата на атмосферата, а метеоролошките сезони се координирани со календарот, при што секое годишно време трае три месеци. Со овој метод, пролетта трае од 1 март до 31 мај. Што носи пролетта Пролетта го симболизира будењето на природата. Дрвјата и цвеќињата се будат, деновите стануваат потопли, а животните се враќаат на активност по зимата. Во многу култури, овој период се слави преку фестивали, обичаи и симболи на обнова, раст и нова енергија. Друга промена што доаѓа со пролетта е преминот кон летно сметање на времето. Оваа година, тоа ќе се случи во ноќта од сабота кон недела на 29 март, кога ќе ги поместиме часовниците еден час напред од 2:00 на 3:00 часот. пролет Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On