Над 70 отсто од Грците не се согласуваат со нападот на САД и Израел врз Иран

Осум од десет Грци ја оценуваат како погрешна одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да започнат војна во Иран, а 72 отсто сметаат дека не е оправдан овој напад, покажуваат двете истражувања на јавното мислење во Грција спроведени од агенциите „Metron Analysis“ и „MRB“ за грчките телевизии „Мега“ и „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина. За војната во Иран, 68,2 отсто од испитаниците во анкетата од агенцијата „MRB“ одговориле дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис треба да заземе неутрална позиција, 16,4 проценти сметаат дека треба да ги осуди постапките на Трамп и Нетанјаху, додека пак 10,4 отсто одговориле дека треба да изрази поддршка за американскиот претседател и израелскиот премиер. Паралелно речиси седум од десет анкетирани се согласуваат со одлуката на Грција да испрати воена помош на Кипар. Мнозинството од учесниците во анкетата на „Metron Analysis“ за телевизијата „Мега“, односно 86 отсто негативно го оценуваат Трамп. Во однос на внатрешно-политичката ситуација и домашните проблеми, резултатите од истото истражување покажале дека 64 отсто од граѓаните сметаат дека земјата оди во погрешна насока, 68 отсто негативно ја оценуваат работата на Владата, а речиси половина од анкетираните (48 проценти) одговориле дека лично тие се во полоша состојба во споредба со една година претходно. На политичката сцена и на двете истражувања, владејачката Нова демократија е на првата позиција со 23,8, односно 24,9 отсто, втора е ПАСОК со 10,4 и 11,2 проценти, а следат левичарската Курс на слобода, радикално десничарската Грчко решение и Комунистичката партија со рејтинг меѓу шест и девет отсто. Истражувањето на јавното мислење на „Metron Analysis“ за „Мега“ било спроведено од 11 до 17 март со анкетирани 1.311 лица со право на глас, додека пак на „MRB“ за „Опен“ од 16 до 18 март со 1.000 лица.