Грчката држава ја исполни својата должност. Со грижа на Министерството за надворешни работи, повеќе од 2.000 грчки граѓани безбедно се вратија од воената зона. Од зоната што опфаќаше над седум земји, во многу тешки околности, можеби најтешките по Втората светска војна, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, во врска со репатријациите од Блискиот Исток, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за надворешни работи посочи дека операцијата за безбедно враќање на грчките државјани беше реализирана „со сите можни средства“, односно по копнен пат преку Тел Авив, Ерусалим и Витлеем кон Египет, како и од Кувајт, Бахреин и Катар кон Саудиска Арабија, но и со изнајмени авиони од различни дестинации – од Оман, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Саудиска Арабија. - Станува збор за операција со исклучително голема тешкотија. Особено тешка беше нашата последна операција, која вклучуваше и специјални услови за репатријација, за во летот да може да бидат вклучени и домашните миленици. Така, заедно со над 100 патници имавме и 45 миленици, кои исто така беа репатрирани. Важно е што Грција е предводник во ова – единствен лет што вклучуваше вакви посебни услови. Важно е затоа што треба да разбереме дека луѓето не се единствените сопственици на оваа планета, нагласи Герапетритис. Паралелно упати благодарност до сите служби на Министерството за надворешни работи, до военото воздухопловство кое помогна со два авиона Ц-130, како и од дипломатските мисии – амбасадите и конзулатите во регионот, кои, како што рече, работеле неуморно во воени услови и порача дека сака грчките граѓани, каде и да се наоѓаат во светот и без разлика на околностите да се чувствуваат сигурно, знаејќи дека нивната татковина секогаш ќе стои покрај нив.