Министерот за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, остварил телефонски разговор со Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина, во кој станало збор и за состанокот на министрите за надворешни работи на Украина и Југоисточна Европа, што во јуни ќе се одржи во Тирана. „Кажав дека со нетрпение очекувам да го пречекам министерот Сибиха во Албанија, на состанокот на министрите за надворешни работи на Украина и Југоисточна Европа, што ќе го организираме во јуни во Тирана“, стои во објавата на министерот Хоџа на Фејсбук. Во истата Хоџа нагласува дека „додека руската агресија од големи размери против Украина влегува во својата петта година, потврдувам дека Албанија отворено ги осудува континуираните кршења на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право, вклучително и повторените напади врз цивилното население и критичната инфраструктура на Украина“. „Албанија останува непоколеблива во својата поддршка за слободата, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и за одговорност, праведен и траен мир и за нејзината европска иднина“, пишува Хоџа во објавата. За време на разговорот со неговиот украински колега, министерот Хоџа објави дека тие ја потврдиле „заедничката посветеност за понатамошно продлабочување на односите меѓу Албанија и Украина преку тесна соработка, унапредување на соодветни патишта кон Европската Унија и придонесување кон мирот, стабилноста и безбедноста низ цела Европа“. (МИА)