Сали го посети ООУ Ресурсниот центар „Иднина“

Денес, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром, Првиот заменик-претседател на Владата на РМ и министер за европски прашања, Беким Сали, реализираше посета на Основното училиште со Ресурсен центар „Иднина“, институција позната по својата посветеност и професионална поддршка на децата со посебни потреби. За време на посетата, Сали истакна дека ова искуство не било само институционално, туку и длабоко човечко. Тој ја оцени позитивната атмосфера и ангажманот на персоналот, нагласувајќи ја важноста од градење на инклузивно општество каде секое дете има еднакви можности за развој. „Секоја насмевка, секоја прегратка и секој чекор напред е доказ за силата и потенцијалот што ги имаат овие деца. Тие немаат потреба од сожалување, туку од можности и разбирање,“ изјави тој. Заменик-претседателот на Владата исто така ја истакна одговорноста на институциите да обезбедат квалитетно образование, достоинство и почит за сите деца, без разлика. Тој додаде дека ангажманот за конкретни политики што ги поддржуваат семејствата и децата со посебни потреби ќе остане приоритет. На крајот, Сали упати повик за континуиран општествен и институционален ангажман, нагласувајќи дека инклузијата и еднаквоста треба да бидат дел од секојдневието, а не само од симболични денови.