Има случаи што не оставаат простор за релативизирање. Случајот со директор фатен со 50.000 евра во автомобил, како дел од договорено мито од 100.000 евра, е токму таков. Ова не е политичка конструкција, не е медиумска шпекулација, туку акција со обележани пари, документирана од институциите. И токму затоа, проблемот повеќе не е само во поединецот. Проблемот е во реакцијата на институциите на системот. Да, институциите постапиле. Но политиката повторно падна на тестот. Добро и очекувано е што дел од партиите со соопштенија го осудија случајот, но она што најмногу боде очи е односот на партијата чиј член е осомничениот. Наместо јасна, недвосмислена и остра осуда, наместо дистанцирање, наместо барем привремена суспензија од партијата, слушнавме и прочитавме едно мошне бледо соопштение – бенигно и стереотипно до немај каде. И тука веќе не станува збор за правни нијанси, туку за политички интегритет. Презумпцијата на невиност не значи презумпција на молк. Таа не значи дека партијата треба да стои на страна додека некој нејзин функционер е фатен со неколку десетици илјади евра во кеш. Напротив токму во вакви моменти се покажува дали една партија има капацитет да се прочисти одвнатре. Ова не е прашање на политички напад туку прашање на елементарна доследност. Особено загрижува тоа што станува збор за случај со јасни елементи: барање мито, посредник, договорени рати, фаќање на дело. Ако ни во ваква ситуација нема храбра и принципиелна реакција, тогаш кога? Токму ваквите „бледи соопштенија“ ја разјадуваат довербата. Не само во партиите, туку во целиот систем. Затоа што граѓаните не ги мерат институциите по зборови, туку по постапки. А постапката тука недостасува. Проблемот не е само во тоа што некој побарал 100.000 евра. Проблемот е што постои чувство дека можел да го направи тоа. Дека ризикот е управлив и пресметан. Дека системот е доволно мек за да издржи вакви удари без вистински последици. И затоа, одговорноста не завршува со апсењето. Таа почнува таму. И продолжува со прашањето: дали партиските структури ќе имаат храброст да кажат јасно „овој арамија повеќе не е наш човек“? Засега, одговорот изостанува. И тоа зборува повеќе од секое соопштение. Целата шема, со посредник, со однапред договорени рати, со образложение за наводна „забрана“ на стока е конструкција која не делува како импровизација, туку како рутина. Ова не е момент на слабост, ова е ладна, свесна пресметка. Фактот што некој е подготвен да побара 100.000 евра, да организира исплата во неколку чекори и да ја спроведе шемата без очигледен страв од последици, говори за нешто подлабоко, за чувство дека системот може да се контролира, дека ризикот е управлив. И токму затоа, овој случај не е изолиран. Пред само неколку месеци, слично сценарио се случи и во истиот сектор, со речиси истата сума. Кога корупцијата се повторува со ваква прецизност, тоа веќе не е инцидент, туку тоа е модел. Модел во кој институции што треба да ги штитат земјоделците, стануваат филтер низ кој поминува само оној што ќе плати. Но, за разлика од многу претходни случаи кога вакви скандали завршуваа без јасен епилог, овојпат има и една важна разлика што не треба да се игнорира. Институциите постапија брзо, координирано и без очигледна селективност. Апсењето на функционер на ваква позиција, фатен на дело, испраќа порака дека линијата „наши и ваши“ е одамна избришана. Токму во тоа лежи надежта дека системот конечно почнува да функционира независно од партиската припадност. Пораката е кристално јасна, никој не е недопирлив. И ако таа пракса продолжи доследно, тогаш ваквите 100.000 евра нема да бидат само скандал, туку и пресвртница. Во вакви случаи, повикувањето на морал веќе звучи речиси илузорно. Не затоа што моралот не треба да постои, туку затоа што очигледно не е фактор што ги запира ваквите постапки. Кога некој е подготвен да организира шема со посредници и рати, јасно е дека границата веќе одамна е помината. Токму затоа, единственото што останува е системот и неговата способност да казнува. Ваквите случаи бараат најригорозни казни. Не како одмазда, туку како порака. Порака дека функцијата не е привилегија за злоупотреба, туку одговорност. Порака дека секој што ќе посегне по јавниот интерес ќе се соочи со реални последици. Ваквите случаи мора да станат пример како завршува функционер кој побарал мито. На крајот неминовно се наметнува и едно суштинско прашање: дали постојната законска рамка е доволна за да ја спречи корупцијата кај носителите на јавни функции? Ако ваквите скандали се повторуваат со иста шема и со чувство на неказнивост, тогаш очигледно санкциите не се доволно одвраќачки. Токму затоа, во момент кога се отвора прашањето за нов Кривичен законик, неопходно е да се размислува за построг третман на корупцијата кај функционерите. Не како сосема ново кривично дело, туку како потешка, квалификувана форма на веќе постоечките дела, кога сторителот е лице со јавна функција. Тоа би значело повисоки казни, задолжителна забрана за вршење функција, целосна конфискација на незаконски стекнатиот имот и приоритетно, брзо судско постапување. Затоа што кога корупцијата доаѓа од позиција на моќ, штетата не е само во парите туку во разградувањето на довербата во државата. Функцијата не смее да биде олеснителна околност. Таа мора да биде најтешката отежнителна околност кога станува збор за мито и корупција. 22.03.2026 Проф д-р Јове Кекеновски