Министерот Муцунски во работна посета на Брисел, најавена средба со еврокомесарката Кос

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија, Тимчо Муцунски, во следните два дена ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел. Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе оствари средби со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, како и со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност, Роксана Минзату. Воедно, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, ќе оствари средба и со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер. За време на престојот во Брисел, предвидени се и повеќе средби со пратеници во Европскиот парламент, како и брифинг на министерот Муцунски со претставници на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на Европската Унија. Во рамки на посетата, министерот Муцунски на 23 март 2026 година ќе учествува и на тркалезната маса „A path for European enlargement“, во организација на Friends of Europe. Во фокусот на разговорите и активностите за време на посетата ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, натамошната динамика на пристапниот процес, секторската соработка со институциите на Европската Унија, како и други актуелни политички, економски и реформски прашања од заеднички интерес.