Изградбата на браната на реката Отиња кај Штип влегува во завршна фаза, со што источниот дел на државата наскоро ќе добие прво рекреативно вештачко езеро. Станува збор за капитален проект кој, покрај туристичката функција, ќе има значајна улога и во наводнувањето и водоснабдувањето во регионот, истакна при денешниот увид во работите, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски. Според вицепремиерот, овој проект има потенцијал да стане главна туристичка атракција во источниот регион. -Ова ќе биде прво рекреативно вештачко езеро во источниот дел на државата, ова ќе биде езеро кое што треба да го развие туризмот во целиот овој регион, да претставува главна туристичка атракција во текот на летото за жителите од источниот дел на државата, но исто така во текот на годината да се користи за рекреација, тука да доаѓаат луѓе, и секако да се отвараат нови работни места, рече Николоски. Покрај туристичката димензија, се разгледуваат и идеи за уредување на просторот околу езерото, со дополнителни содржини за посетителите. -Секако, езерото ќе служи и за наводнување, ќе служи и доколку е потребно во одредени критични периоди и за решавање на проблемот со водоснабдување, а разговаравме и за уредување на просторот околу езерото, веќе размислуваме и на таа фаза. Би се искористил трупот на браната, како патека која што ќе оди од едниот до другиот крај на езерото и да се поврзува со Штип, додаде заменик претседателот на Владата.