ОН предупредуваат: Климатската криза се продлабочува поради растечки енергетски дисбаланс

Состојбата на глобалната клима не остава многу простор за оптимизам, со оглед дека клучните индикатори продолжуваат да се влошуваат, предупреди Светската метеоролошка организација (СМО) во извештај објавен денеска. Според извештајот за состојбата на климата во 2025 година, дисбалансот меѓу енергијата што Земјата ја прима од Сонцето и онаа што ја враќа назад во Вселената забрзано се зголемува. Температурите продолжуваат да растат, океаните се загреваат, мразот и глечерите се топат, а концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата достигнува сè повисоки нивоа. - Не може да се негира дека овие показатели не се движат во насока што нуди многу надеж - изјави заменичката генерален директор на СМО, Ко Барет. Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ја оцени ситуацијата како вонредна, предупредувајќи дека „планетата Земја се турка надвор од своите граници“. СМО потврди дека периодот од 2015 до 2025 година е најтоплиот 11-годишен интервал откако се вршат мерења. Минатата година била втората или третата најтопла година досега, со просечна температура од 1,43 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, додека 2024 година била уште потопла – околу 1,55 степени. Парискиот договор за климата има за цел да го ограничи порастот на глобалната просечна температура на 1,5 степени Целзиусови, за да се избегнат најтешките последици од климатските промени. СМО, која ги анализира научните податоци од целиот свет, во извештајот ги сумира клучните показатели како температурите, топењето на мразот, емисиите на стакленички гасови и други фактори. По првпат, организацијата го истакнува енергетскиот дисбаланс на Земјата како клучен индикатор. Во стабилен климатски систем, енергијата што планетата ја апсорбира од Сонцето би требало да биде избалансирана со енергијата што ја зрачи назад во вселената. Меѓутоа, концентрацијата на стакленички гасови создадени од човекот достигна нивоа невидени најмалку 800.000 години, што ја намалува способноста на планетата да ослободува топлина. Повеќе од 91 процент од вишокот енергија се акумулира во океаните, наведува СМО, додавајќи дека стапката на нивното загревање повеќе од двојно се зголемила меѓу периодите 1960–2005 и 2005–2025 година.