Kurir
Високиот претставник на Одборот за мир за Појасот Газа, Николај Младенов, вчера побара од Советот за безбедност на ОН да ги искористи „сите расположливи средства“ за да изврши притисок врз палестинското движење Хамас да се разоружа, предупредувајќи дека секој акт на насилство се заканува да го наруши примирјето. Младенов нагласи дека и Израел мора да ги исполни своите обврски од примирјето, кое е во сила од октомври минатата година, укажувајќи на убиствата на Палестинци и на ограничувањата за испорака на хуманитарна помош. Според него, изборот пред Хамас и Израел е или „влошување на статус-квото“ или нов почеток за Палестинците кои живеат во очајни услови. Тој додаде дека трета опција нема и дека народот во Газа не треба да чека додека некои се преправаат дека таква постои. Младенов го образложи првиот извештај на Одборот за мир, во кој се наведува дека главна пречка за целосно спроведување на примирјето е одбивањето на Хамас да прифати проверено и следено предавање на оружјето, да се откаже од присилниот контрола и да овозможи вистинска транзиција кон цивилно управување во Газа. Од друга страна, Хамас во соопштение го критикуваше новиот извештај, тврдејќи дека во него се игнорира израелското непочитување на условите од примирјето. Палестинската вооружена група бара разоружувањето да биде поврзано со повлекување на израелските сили. Инаку, по стапувањето во сила на примирјето, израелската армија го прошири својот контролен опсег и сега контролира околу 60 отсто од територијата на Газа. Младенов најави дека доколку Израел и Хамас одбијат да ја прифатат патната карта за имплементација на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, Одборот за мир ќе разгледа алтернативни начини за обезбедување хуманитарна помош и обнова. Тој предупреди дека без акција, Газа ќе остане поделена, а Хамас ќе задржи административна и воена контрола врз два милиони Палестинци на помалку од половина од територијата на Појасот Газа, принудени да преживуваат во урнатини и во зависност од помош. Тој потенцираше дека предавањето и уништувањето на оружјето ќе биде постепено и етапно, согласно договорен календар, и дека оружјето на Хамас нема да му биде предадено на Израел, туку на преодната администрација во Газа. Затоа, Младенов побара недвосмислена поддршка од Советот за безбедност за оваа патна карта. Кратко по неговото излагање, раководителите на три големи хуманитарни организации пред новинарите во ОН изјавија дека извештајот на Одборот за мир не ја одразува верно состојбата на теренот. Џереми Кониндик, претседател на организацијата „Рефјуџис интернешнал“ (Refugees International), изјави дека дури и најлесниот дел од мировниот план – обезбедувањето полн и непречен пристап за хуманитарна помош – сè уште не е исполнет, порачувајќи дека на луѓето во Газа им се потребни итни дела, а не нови брифинзи во Њујорк.
Go to News Site