Kurir
Министерот за надворешни работи на Иран Абас Арагчи денеска се сретна со својот пакистански колега за да разговараат за предлозите за прекин на американско-израелската војна, додека Техеран и Вашингтон и понатаму имаат спротивни ставови околу иранските залихи на ураниум и контролата врз стратешкиот воден пат, пренесуваат иранските медиуми. Пакистанскиот министер за внатрешни работи, Сајед Мохсин Накви, во Техеран одржа нова рунда разговори со иранскиот министер Арагчи, два дена откако на иранската страна ѝ ја пренесе најновата порака од САД во рамките на преговорите. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека има „одредени добри знаци“ во разговорите, но нагласи дека дипломатски договор ќе биде невозможен доколку Техеран воведе систем за наплата на такси во Ормуската Теснина, која инаку е практично затворена за најголемиот дел од поморскиот сообраќај по почетокот на војната на 28 февруари. Пред војната, околу една петтина од светските пратки на нафта и течен природен гас поминуваа низ Ормуската Теснина, а моменталниот застој веќе предизвика скок на цените на нафтата на глобално ниво. Американскиот претседател Доналд Трамп вчера во Белата куќа повтори дека САД инсистираат на преземање на иранските залихи на високо збогатен ураниум, за кои Вашингтон верува дека се наменети за нуклеарно оружје, и најави дека по преземањето тие веројатно ќе бидат уништени. Од друга страна, високи ирански извори за Ројтерс потврдија дека врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, веќе издал директива според која ураниумот не смее да се испраќа во странство. Трамп исто така реагираше против намерите за наплата на такси на меѓународниот воден пат, нагласувајќи дека САД бараат Ормуската Теснина да биде отворена и слободна за сите.
Go to News Site