Collector
МИА во Фан зоната за Фајналфорот во Атина – забава за навивачите и љубителите на кошарката (ФOTO) | Collector
МИА во Фан зоната за Фајналфорот во Атина – забава за навивачите и љубителите на кошарката (ФOTO)
Kurir

МИА во Фан зоната за Фајналфорот во Атина – забава за навивачите и љубителите на кошарката (ФOTO)

Шутирање кошеви, издржливост на обрач, ВИ-фотографии со трофејот, натпревари 3×3, игри за сите возрасти, ветерани на грчката и светската кошарка, е само мал дел од она што го нуди фан-зоната за фајналфорот на Евролигата во Атина, поставена пред палатата „Запио“ во центарот на градот, а грчката престолнина пулсира во ритамот на кошарката - јави дописничката на МИА од Атина. Фан-зоната официјално беше отворена синоќа и до недела вечер ќе биде место за забава за љубителите на кошарката и натпреварите од Евролигата, а фајналфорот е од особено значење со оглед на тоа што во Атина се враќа по пауза од 19 години. Влезот е бесплатен, но со задолжителна претходна онлајн-регистрација, а со одлука на грчката полиција, максималниот капацитет е 1.500 лица. Дописничката на МИА од Атина во пресрет на денешните полуфинални натпревари ја посети фан-зоната, каде што забележително беше присуството и на навивачите на четирите екипи што обезбедија билет за завршната фаза од Евролигата, односно Валенсија, Реал Мадрид, Олимпијакос и Фенербахче. Портокалови, бели, жолто-сини и црвено-бели дресови - секој во боите на својот тим, расположени и оптимисти пред денешните дуели, навивачите, пред да заминат за олимписката спортска сала „Телеком центар“ во северниот дел на градот, часовите ги поминуваат во фан-зоната. - Кој ќе го крене пехарот в недела?, ги прашавме. Секој од нив е сигурен дека токму неговиот тим ќе биде шампион годинава. Турчинот Бурак е верен поддржувач на Фенербахче, ова е седми фајналфор на кој ќе присуствува, а за МИА вели дека е сигурен дека ќе го одбранат ланскиот трофеј и ќе дојдат до трета титула. - Очигледно дека по третпат ќе ја освоиме титулата. Концентрирани сме на финалето. Олимпијакос можеби има некаква предност што игра во Атина, но од Истанбул дојдени сме околу 4.000 луѓе за да го поддржиме Фенер. Се надевам дека и Панатинаикос денеска е со поддршка за нас, вели навивачот на Фенербахче. Група навивачи на Олимпијакос од атинското предградие Пиреа, категорично одбиваат да коментираат што очекуваат од дуелот со Фенербахче, бидејќи со насмевка порачуваат дека се сигурни дека ќе бидат прваци, а „Телеком арена“, салата што вечниот ривал Панатинаикос ја користи за домашните натпревари, за нив е мотив плус. - Можеби имаме мала предност што се игра во Атина и ќе има повеќе наши навивачи, но тоа што се игра во салата на Панатинаикос, е тоа за нас е екстра мотив. Како и да е, имаме добар тим, одиме сигурно и во финале и до нова титула, велат навивачите на Олимпијакос. Во фан зоната сретнавме и навивачи од Мадрид, Маркос е еден од нив, и за него ова е седми Фајналфор што го следи, убеден е дека во шпанското полуфинале Реал ќе биде подобар, но и прогнозира дека во финалето ќе се сретнат со Олимпијакос. - Валенсија е изненадување во Фајналфорот, но Реал Мадрид не е изненадување, туку е искусна екипа, има искуство на Фајналфор. Мислам дека Реал Мадрид ќе биде во финалето заедно со Олимпијакос. Но, кошарката е кошарка, вели Маркос за МИА. Валенсија е дебитант во Фајналфорот, откако преку победата над Панатинаикос успеа да стигне во завршната фаза, а навивачите на шпанскиот тим не го кријат задоволството и очекувањата да бидат подобри и од Реал Мадрид. - Тоа што сме за првпат во Фајналфорот не значи дека сме аутсајдери. Направивме изненадување со елиминацијата на Панатинаикос, да не бидете изненадени ако не видите во финале, порачуваат навивачи на Валенсија. Во фан зоната се поставени штандови на спонзорите на Фајналфор со низа различни игри, сите поврзани со кошарката, со можност за освојување награда, но и симболичен сувенир за учеството. На еден од штандовите, за кошарката и Фајналфорот дискутираа поранешниот американски кошаркар Кајл Хајнс и поранешниот грчки кошаркар Јоргос Принтезис. Во делот околу фан зоната, има дискретно полициско присуство, во рамките на мерките што ги презеде грчката полиција за безбедно одржување на Фајналфорот. Посебен акцент е ставен на целосното раздвојување на навивачите според тимовите и затоа кон салата ќе се упатат организирано од однапред утврдени места, во конкретно време, по точно определени рути и под строга полициска придружба. Навивачите на Олимпијакос и Фенербахче ќе се собираат на две различни метро станици, а на Реал Мадрид и Валенсија на пред античкиот олимписки стадион во центарот на Атина. Проценките на грчката полиција се дека Фенербахче ќе има 1.345 организирани навивачи, Валенсија ќе ја бодрат 893, 794 на Реал Мадрид, а планот за навивачите на Олимпијакос, со оглед на тоа што тимот се од атинското предградие Пиреас, вклучува околу 3.000 до 5.000 лица. Првиот полуфинален натпревар во 17 часот е шпанска пресметка меѓу Валенсија и Реал Мадрид, а Олимпијакос и Фенербахче ќе играат во второто полуфинале три часа подоцна, додека пак финалето ќе се одигра в недела. (МИА)

Go to News Site