Kurir
Директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, објави видео и фотографии од акцијата за чистење и уредување на Железничката станица во Скопје, оценувајќи дека објектот со години бил оставен во запуштена состојба. „Железничката станица во Скопје треба да претставува гордост на главниот град“, напиша Ивановски на својот фејсбук профил. „Декади запуштеност и немање институционална и општествена грижа за жал ја претвори во тотално не-репрезентативен објект „накитен“ со билборди, постери, графити, несоодветни содржини, недоволна хигиена. Превземаме мерки за подигнување на нивото на надворешниот и внатрешниот изглед на Железничката станица Скопје преку долготрајна акција и сет на активности“, додаде Ивановски. За старт се отстранија сите билборди и светлосни реклами (остана уште една светлосна на Хамза Донер кои одбиваат да ја извадат, истите доколку не ја отстранат во рок од 7 дена договорот за закуп ќе им биде раскинат), потоа се отстранија сите информативни постери кои со години се напластени, се продолжува со генералната хигиена, наведе во објавата. „Во моментов заедно со Архитектонскиот факултет работиме кон проектирање на целосна реконструкција на железничката станица, а со ИЗИИС ја проверуваме конструкцијата на самата станица“, објави директорот на ЈП Железници Инфраструктура. Според директорот Ивановски, враќањето на нормалниот изглед на Железничката станица нема да биде лесен процес, но порача дека „треба да се почне денес“. Во објавата тој упати благодарност и до полициската станица на МВР која се наоѓа во склоп на објектот, за, како што наведе, секојдневната соработка и помош.
Go to News Site