Kurir
ОСНОВИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ЗАЕДНИШТВО Граѓанскиот либерален политички концепт беше запчаникот којашто го придвижуваше европскиот механизам за обединување. Логото на системот беше “владеење на правото”,лостот силната економска политика и централната администрација во Брисел. Меѓутоа, одбивањето на Франција,Холандија и Данска да гласаат за новиот европски Устав во 2005 година,го загатна прашањето за политичко единство меѓу европските држави. Каква Европа сакаат европјаните-силна федерална Европа согласно идеите на Шуман и Аденауер, или нивната определбата е Европа да биде заедница на суверени нации (заложба на Шарл Де Гол)!? Обединета Европа претпоставува конвергенција на националниот вредносен супстрат во европска идентитетска вредност. Тој концепт преферира сите да бидеме граѓани на Европа! Определбата за Европа на суверени нации не враќа во деветнаесети век и естетските вредности на национални митологии и содржини? Се разбира,прашањето дали Унијата може да го претставува целиот европски континент се однесува пред се на земјите кои не се членки на Унијата,но,имаат амбиции да бидат нејзин конститутивен дел. Значи,во прашање е ставот на европските институции за процесот на проширување? Географски кон европскиот континент припаѓа и делот на Русија до Урал, Босфорската порта на светот во Турција,Западниот Балкан и државите од Кавкаскиот регион. Гео-политички можам да разберам дека членство во Унијата на Русија и Турција во дадениот простор и време е незамислива и далечна перспектива! Меѓутоа,имам сосема различен поглед за судбината на земјите од Западен Балкан и нивната европска перспектива,анализирајќи ја конзистентната политика за (не)проширување промовирана од челниците на Унијата во 2013 година?! Дали вредносните системи на државите од З.Балкан на Европа не се прилагодени кон европскиот вредносен систем?! Аргументите на европските институции дека се работи најчесто за недемократски режими во тие земји со ендемски криминал, корупција и закана по безбедноста и сигурноста на европскиот континент,се чудовишно непринципиелни. Преговорите за членство на споменатите земји во Унијата се одвиваат по посебна методологија ( реформа на Процесот за проширување од 1998 година,со условување прво да се потпише Договор за стабилизација и асоцијација),којашто сама по себе ги насочува тие земји кон длабоки реформски процеси што траат со децении и по својот карактер го деградираат нивниот национален,социјален и државотворен концепт?! Затоа европскиот пат на земјите од З.Балкан е обременет со постојани забелешки од бриселската администрација “за умерен или недоволен прогрес во структурните реформи” без конечна разрешница за нивните општествени негативности, за кои и самите европски институции немаат одговор. Примери за такви негативни манифестации во вредносните системи има и во земјите од З.Балкан,но и во земјите-членки на Унијата?! Набројувам дел од нив: нетранспарентност во јавните набавки,лобирање за лични или групни интереси на владеачки функционери,пактирање со фармацевтските или воено-индустриски мулти-национални корпорации...?! Се поведоа постапки за истрага на криминалот и корупцијата за многу ЕУ функционери,па дури и за актуелниот евро-комесар,но,разрешница немаше! Истото се случува во многу земји-членки во Унијата и во мојата држава?! Во што е суштината на недоволен успех во борбата против криминалот и корпцијата на европско и на национално ниво. Проблемот е во тоа што никој не сака ниту да коментира дека причината за се поголемиот криминал и корупција во земјите аспиранти за Унијата и во европските институции е обусловена од природата на финансискиот облик на пост-модерниот капитализам и неговите нерегулирани и коруптивни финансиски деривати!! Промоворањето на финансиската димензија на капитал-односот како единствен успешен образец по којшто треба да се развива европското и светското општество е веќе изветвена тавтологија!! Со повторување на фразата за возвишените цели на капитал-односот и невидливата сила на пазарниот механизам,капиталистичкиот поредок не ги објаснува причините за се позачестените светски и европски финансиски,енергетски,биолошки и воени кризи. Уште позгрижувачки е тоа што нема на повидок решение за се поизразениот судир меѓу малиот број ултра-богати луѓе на планетата земја и се поголемиот број на лумпен сиромашни луѓе?! ЗА ЗРЕЛИТЕ ЗАПАДНИ ДЕМОКРАТИИ Кога некој великодостојник од Унијата при посетата на Македонија со загрижено лице ни објаснува дека во “зрелите западни демократии” одредени состојби во нашата земја се третираат како непростлив ерес,што нам ни преостанува?! Зарем шеријатските режими на принцот Бин Салман и кралот Фејсал се демократски режими,па со нив треба и природно е да се соработува и да се преговара за трговски аранжмани и нивни инвестиции во Унијата,а со земјите од Западен Балкан е ризично да се соработува? Од тие причини секогаш се нормира во децимални броеви европската подршка за нивните национални економии?! Денес според ЕВРОСТАТ ако сите шест земји од З.Балкан со околу 17 милиони жители се полноправни членки на Унијата,годишната подршка од структурните фондови на Унијата за сите земји од З.Балкан ќе изнесува cca 6,5 милијарди евра. Ако тој износ се распредели на близу 447 милиони жители на Унијата,тогаш секој жител на Унијата треба да издвои 14,8 евра годишно за таа цел. Толку чини едно кафе и кока-кола во Брисел! А и зошто би ги дале тие 14,8 евра годишно за земјите од З.Балкан,кога треба граѓаните на Унијата да даваат уште најмалку 200 евра годишно само за Украина. Доста им е веќе на граѓаните од европски политики коишто го нарушуваат нивниот стандард,нивото и квалитетот на здравствената заштита,социјалните привилегии и слично. Затоа и паднаа како “зрели круши” владите на Руте,Де ла Кро,Шолц...во земјите-членки на Унијата. Според анкетите сосема е извесно и паѓањето на Макрон. Toa е одговорот на европските граѓани кон бесчувствителниот карактер на современиот европски капитал-однос. Кој не слушнал, му препорачувам да се заинтересира да чуе на што се должи ззгриженоста на германскиот канцелар Хелмут Шмит “од капитализмот на дивите зверови”?! Добро би било и да се прочита книгата на Томас Пикети “Kапитализмот на 21 век”! Од мој агол на гледање,во совремието Унијата мора да ја согледа слабоста на својата пренормирана,цинична,бавна и арогантна администрација,да го преиспита работењето на своите политички елити,да се залага за соработка и благостојба на европските суверени држави и политички да прифати дека сите земји од Европа може и треба да бидат дел од европскиот политички концепт! Ирелевантно е како ќе се нарекува тој облик на здружување?! И не е битно колку земји-членки брои Унијата? Има ли сили Унијата да продолжи со своите внатрешни реформи и да креира поквалитетна европска вредносна содржина. Јас се надевам дека ЕУ ќе успее! Но,на тоа прашање не му е дојден редот ниту времето да биде одговорено. ЕДНО ПРАШАЊЕ ЗА ЕУ АМБАСАДОРОТ ВО НАШАТА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА Конечно,му дојде ред и на прашањето за почитуваниот ЕУ амбасадор Рохас! Неговата екселенција повеќекратно на сите прес-конференции поврзани со нашиот европски пат,постојано повторува дека промената на нашиот Устав и вметнувањето на бугарите во уставната преамбула е предуслов за отпочнување на преговори со Унијата. Фразата-потпишавте и сега сте должни да го исполните тоа што сте го потпишале е кристално јасна. Меѓутоа,проблемот не е во фразата. Проблемот е во тоа што Преговарачката рамка за Македонската држава е апсолутно противречна со европското Аки? Во кој тоа член од Европскиот закон и Договорот за функционирање на Унијата стои дека промената на Уставот на суверена земја е предуслов за отпочнување на преговори. Во ставот 2 од членот 4 од Договорот за Европската Унија се наведува дека секоја земја аспирант за членство во Унијата има право на заштита на својот национален идентитет и право на својата уставна и политичка посебност!! Согласно горе неведеното Унијата нема право во Преговарачката рамка да наредува на суверени држави дека треба да го променат Уставот за да отпочнат преговори?! Досега и никогаш не го правела тоа, при отпочнување преговори на актуелните дваесет и седум земји-членки на Унијата. Унијата мора да се однесува еднакво кон сите земји на континентот,кога е во прашање примена на европското право. Р.Бугарија го игнорира “владеењето на европското право” со дваесетгодишно непочитување на пресудите на европскиот Меѓународен суд за човекови права во Стразбур. Со “недозволена леснотија” не се спроведуваат пресудите коишто експлицитно наложуваат регистрирање на граѓанското здружение на бугарски граѓани со македонска самосвест (коишто се изјасниле на пописот во Бугарија како такви) именувано како ОМО Илинден-Пирин?! Зошто Унијата преку своите институции не ги обврзе министрите за надворешни работи на другите 26 земји-членки на Унијата да и наложат на Р.Бугарија преку Комитетот на министри при Советот на Европа во Стразбур да се спроведат пресудите! Со предупредување дека доколку тоа не го стори,Р.Бугарија ќе биде санкционирана од Советот на Европа! На билатерален план односите помеѓу македонската и бугарската држава мора да почиваат на реципрочни односи. Со каква хипокризија Бугарија бара од нашата држава да го смени својот Устав во делот на уставната преамбула,а самата бугарска држава не дозволува ниту граѓанско организирање на бугарски граѓани со македонска самосвест? Никој не говори за тоа што пишува во членовите 36 и 54 од бугарскиот Устав за правата на бугарските граѓани што не се бугари по род. Македонската држава не бара промена на бугарскиот Устав,туку само негово почитување и реализација на четиринаесетте пресуди на Судот за човекови права во Стразбур од страна на бугарските институции! ЗАКЛУЧОК Има една стара македонска поговорка од мијачкиот крај:”Додека Велчевци го измислија векот, Палчевци го проживеаја”! Со други зборови,македонската држава триесет и пет години ја докажува граѓанската димензија на својот Устав и почитта кон човековите права и граѓански слободи на своите граѓани. За тоа има потврда од врвни европски експерти за уставни прашања-професорите од Сорбона и Хајделберг Бадентер и Херцог уште од 1991 година. Од друга страна Р. Бугарија без проблеми си го живее дваесет и првиот век со целосно гушење на човековите права на своите граѓани со македонска самосвест и за тоа око не и трепнува! Што е најиронично во сиот овој несиметричен билатерален хаос. Европските институции толкуваат дека тие што “го газат” европското право се на страната на правдата,а македонската држава за да отпочне преговори со Унијата треба да постапува спротивно на европскиот закон,стандарди и правила и да ги впише бугарите во преамбулата на Уставот? Тоа defacto значи дека на нашиот европски пат категоријата “владеење на правото” вешто се заменува од европските институции со тезата за “политичка интерпретација на владеење на правото”? Дали се согласувате со мене Ваша екселенцијо?! Амбасадор Марјан Ѓорчев
Go to News Site