Kurir
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на поставувањето камен-темелник за изградба на нов училиштен објект во рамки на ООУ „Димитар Поп Ѓорѓиев Беровски“ во Општина Ѓорче Петров. Во обраќањето, Мицкоски истакна дека ваквите проекти се од суштинско значење бидејќи директно придонесуваат за подобрување на условите во основното образование и за квалитетот на животот на граѓаните, особено на најмладите. „Овој проект е со цел да им помогне на нашите најмлади, на децата, во делот на стекнување на нивното образование, во основното образование“, рече Мицкоски. Тој нагласи дека би сакал во иднина да започнуваат што е можно повеќе вакви објекти, посочувајќи дека тие се инвестиција во децата и во идните генерации. Премиерот им честиташе на градоначалникот, Советот и администрацијата на Општина Ѓорче Петров, како и на Министерството за образование и членовите на Владата кои, како што рече, работеле во изминатиот период за да се започне нов проект и да се исправат претходни пропусти, без да се создаваат нови проблеми. „Ценам дека ваквите проекти се само додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните, пред сè на децата, бидејќи сето ова ние го работиме за нив. Тие се тие кои ќе го наследат сето ова што ние го работиме“, порача Мицкоски. Тој изрази очекување објектот да биде изграден успешно и да донесе радост за учениците, родителите и локалната заедница. „Нека е честито и да ни се множат вакви проекти уште повеќе“, рече премиерот Мицкоски.
Go to News Site