Kurir
На 11 јуни Скопје ќе добие современ спортски објект откако свечено ќе биде отворена целосно реконструираната спортска сала „Расадник“ во Општина Кисела Вода. Под мотото „Расадник на шампиони“ и слоганот „Дом на спортот. Дом на идните шампиони“, отворањето ќе се одржи со почеток во 10:30 часот, а организатори на настанот се Министерството за спорт, Град Скопје и Општина Кисела Вода. Реконструираната сала претставува една од најзначајните спортски инвестиции во главниот град во последните години и во иднина ќе биде центар за развој на спортот, рекреацијата и младинските спортски активности. За посетителите е подготвена богата целодневна програма која ќе вклучува спортски демонстрации, дружење со познати македонски спортисти и репрезентативци, како и можност за разгледување на новите капацитети на салата. Во рамките на настанот ќе се реализираат спортски фестивал, средби со спортски легенди и актуелни шампиони, свечена церемонија на отворање, како и ревијален натпревар меѓу актуелниот македонски ракометен шампион РК Вардар и екипата на РК Вардар Ветерани. Посебно внимание е посветено и на најмладите посетители, за кои ќе бидат организирани детски и забавни содржини во специјално подготвена зона. На свеченоста ќе се обратат градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, министерот за спорт Борко Ристовски и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Организаторите упатија покана до сите граѓани, спортисти, спортски работници и љубители на спортот да присуствуваат на отворањето и заедно да ја одбележат новата етапа во развојот на спортската инфраструктура во Скопје. Влезот за сите посетители е слободен. Во оваа сала Вардар 1961 ќе ги игра натпреварите од следната сезона во рамки на домашното првенство.
Go to News Site