Collector
Giriş Yap
Украина загрижена дека нејзината кандидатура за ЕУ ​​може да биде блокирана од политички прашања | Collector
Украина загрижена дека нејзината кандидатура за ЕУ ​​може да биде блокирана од политички прашања

Украина загрижена дека нејзината кандидатура за ЕУ ​​може да биде блокирана од политички прашања

Амбициите на Украина забрзано да се движи кон членство во ЕУ создаваат тензии меѓу Киев, Брисел и некои европски престолнини пред формалното отворање на првиот преговарачки кластер следната недела, наведуват дипломати и претставници на ЕУ. Киев и Брисел јавно го поздравија веројатниот почеток на формалните разговори на 15 јуни, но Украина е загрижена дека нејзината кандидатура може да биде „заглавена“ од политички прашања, вклучително и претседателските избори во Франција. Тоа, пишува бриселскиот „Политико“, би можело да го помести проширувањето од агендата на ЕУ. Откако Унгарија минатата недела сигнализираше дека ќе се откаже од своето долгогодишно противење на кандидатурата на Украина за членство во ЕУ, неколку дипломати рекоа дека отворањето на првиот кластер треба да се случи на меѓувладината конференција во Луксембург на 15 јуни. Во меѓувреме, Брисел е загрижен за темпото на реформите во Украина. Документите за дискусија што ги поднесоа Париз и Берлин, а промовираат „придружно членство“ за Киев и други привремени решенија, предизвикуваат нервоза. „На Украина ѝ се нуди практично сè освен самото членство“, изјави за Политико украинскиот амбасадор во ЕУ, Всеволод Ченцов. Се наведува дека постои ризик Украина да биде заглавена во чекалната, со некои придобивки од европската интеграција, но без јасен пат до полноправно членство. Киев не ги отфрли француско-германските идеи, но сака посилни гаранции за тоа како ќе заврши тоа, според официјални лица запознаени со разговорите. Киев сака да отвори неколку преговарачки кластери пред крајот на летото како сигнал до домашните политичари и гласачите изморени од војната дека членството во ЕУ е реална перспектива, а не желба. Од друга страна, Брисел е загрижен за разочарувањето како фактор на ризик за внатрешните реформи на Украина. Имено, во последните месеци, усвојувањето на клучните закони потребни за пристапување кон ЕУ е забавено поради непополнети места во парламентот и стравувањата дека некои мерки нема да добијат мнозинство ако бидат ставени на гласање. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, вчера беше во Киев со, како што пишува Политико, смирувачка порака. Таа се сретна со премиерката Јулија Свириденко и раководителите на парламентарните комисии задолжени за надгледување на реформите. „Во просторијата (за разговори) владееше чувството дека двете страни почнуваат сериозно да работат и се вклучуваат многу повеќе во процесот на пристапување“, изјави претставник на ЕУ за бриселскиот портал. Украинскиот вицепремиер за европски интеграции, Тарас Качка, и се заблагодари на Марти Кос за посетата на Киев и за нејзината силна поддршка за иднината на Украина во ЕУ. „Додека стоиме на прагот на отворањето на кластер 1, фокусот сè повеќе се префрла од подготовка кон имплементација. Напредокот што го постигнуваме со реформите, особено во областа на владеењето на правото, ќе го дефинира темпото на процесот на пристапување... Отворањето на првиот преговарачки кластер ќе го означи почетокот на нова фаза од нашиот пат кон членство во ЕУ“, напиша Качка на Икс. Политико заклучува дека управувањето со кандидатурата на Киев за членство во ЕУ ќе биде деликатно за Брисел и европските престолнини - влоговите се високи, а погрешните чекори би имале болни последици. (МИА)

Go to News Site