Kajgana
Исланд се подготвува за специфичен референдум: Зошто пристапувањето во ЕУ би било стратешки важно? Филип Здравески 09.06.2026 / 13:42 Свет Според најновите анкети на јавното мислење, околу 47% од граѓаните на Исланд се противат на приклучувањето кон ЕУ, додека приближно 40% го поддржуваат. Додека земјите од Западен Балкан, како и Украина, дебатираат кој ќе биде првиот што ќе влезе во Европската Унија, еден остров би можел да нè престигне сите. Граѓаните на Исланд ќе гласаат на референдум на 26 август за тоа дали да се отворат преговорите за членство во ЕУ. Последниот пат кога Рејкјавик и Брисел се обидоа да постигнат договор, пред повеќе од една деценија, преговорите заглавија поради спорови околу правата за риболов. Двете страни не можеа да се договорат за Заедничката политика за рибарство на ЕУ, која би барала од Исланд да им овозможи пристап до своите риболовни подрачја на другите членки на ЕУ. Рибарската индустрија сочинува околу 40% од извозот на Исланд, поради што Исланѓаните традиционално се претпазливи и не им дозволуваат на бродовите на ЕУ толку лесно да ловат риба во нивните води. Сепак, Брисел сега зазема многу попомирувачки став. Европскиот комесар за рибарство, Костас Кадис, неодамна изјави за Financial Times дека Европската Унија е отворена за различни решенија и е подготвена да разговара за исклучоци кога станува збор за рибните резерви и нивните модели на дистрибуција. Еирикур Бергман, професор по политички науки на Универзитетот „Бифрост“, за The European Correspondent изјави дека овој нов тон е во согласност со желбата на ЕУ да постигне „успешен пример за проширување“ по долги и комплицирани преговори со други земји-кандидатки. „Преку Европската економска зона (ЕЕА), ние долго време учествуваме во европската интеграција. Влезот на Исланд во ЕУ денес би бил релативно едноставен за двете страни“, рече Бергман. Исланд има петти највисок БДП по глава на жител во светот, а околу 8% од тој БДП е генериран од рибарската индустрија, која сочинува околу 2% од вкупниот улов на дива риба во светот. Затоа Исланд е привлечен за европскиот блок. Стратешката позиција на Исланд е многу важна Според Бергман, друга причина зошто ЕУ покажува поголема флексибилност е одбраната и безбедноста. Поради стратешката географска локација на Исланд, во близина на Арктикот и Русија, Европската Унија гледа придобивки од тоа оваа територијата да е во нејзини рамки. Како членка основач на НАТО, Исланд е во дилема. Бидејќи САД постепено се повлекуваат од некои безбедносни обврски, островот мора да ја разгледа можноста да мора повеќе да се потпира на Европската Унија, за која Бергман верува дека порано или подоцна ќе стане и воена и одбранбена унија. Доколку Исланд одлучи да се приклучи на ЕУ, правата за риболов ќе бидат едно од трите клучни прашања, заедно со евентуалното воведување на еврото и темата за безбедност и одбрана. „Исландѓаните отсекогаш се плашеле дека би можеле да ја изгубат контролата врз своите риболовни ресурси, па затоа секој знак за значителна флексибилност по ова прашање сигурно ќе помогне да се зголеми поддршката, барем за повторно отворање на преговорите“, објасни професорот. Според најновите анкети на јавното мислење, околу 47% од граѓаните на Исланд се противат на приклучувањето кон ЕУ, додека приближно 40% го поддржуваат. „Секогаш велев дека прашањето за членство во ЕУ не е само прашање на пресметка и бенефиции. Во овој момент, тоа е повеќе егзистенцијално прашање. Прашањето е што Исланд ќе смета за свој дом“, рече Бергман. Со години, Исланѓаните беа речиси подеднакво поделени во однос на членството во ЕУ: околу една третина беа „за“, една третина беа „против“, а една третина беа неодлучни, иако овие соодноси повремено се менуваа. Сепак, неодамна се забележува зголемување на поддршката за десничарските партии кои се противат на членството во ЕУ. „Брегзит не треба да се имитира“ Министерката за надворешни работи на Исланд, Торгедур Катрин Гунарсдоутир, изјави дека стравува оти нејзината земја би можела да доживее „нешто слично на Брегзит“ на претстојниот референдум за Европската Унија, предупредувајќи на дезинформации, странско мешање и влијание на вештачката интелигенција. Гунарсдоутир обвини поединци и групи дома и во странство за ширење страв, наведувајќи дека Исланд е изложен на дезинформации и реторика земени „од прирачникот на Најџел Фараж“, осврнувајќи се на британскиот политичар кој е најодговорен за излезот на Обединетото Кралство од ЕУ. Торгедур Катрин Гунарсдоутир со Марта Кос, комесарката на ЕУ за проширување Предупреди дека референдумот би можел да стане цел и за Русија и други „актери кои сакаат негативно да влијаат врз јавната дебата“. Странското мешање и ширењето дезинформации би можеле, рече таа, да влијаат на конечниот исход од гласањето. „Се плашам дека би можеле да го видиме Брегзит. Тоа би бил прилично опасен пат, од моја перспектива, бидејќи брегзитерите шират секакви лаги“, изјави таа за The Guardian, наведувајќи ги како пример контроверзните податоци што ги користеше кампањата за излез од ЕУ за тоа колку пари Обединетото Кралство наводно плаќа во Европската Унија. Како што истакна, Брегзит треба да биде пример за тоа како не треба да се води политичка кампања, а не нешто што треба да се имитира. „Ништо од она што го ветија не беше всушност реализирано или спроведено“, рече таа. Коалициската влада на Исланд, составена од партии од левиот центар, како и проевропската Либерално-реформистичка партија, предводена од министерот, изненадија многумина кога во март објавија дека референдумот за ЕУ ќе се одржи на 29 август. Одлуката делумно беше поттикната од заканите од САД, долгогодишен близок сојузник на Исланд, дека сакаат со сила да ја преземат контролата врз најблискиот сосед на Исланд, Гренланд. „Од моја перспектива, меѓународниот поредок што со децении беше основа на нашата безбедност и просперитет е под сериозен притисок. Светот драматично се промени, па затоа прашањето со Гренланд сигурно влијаеше на нашата одлука“, рече таа. Додаде дека старите сојузи денес се ставени на тест, додека трговијата сè повеќе се користи како политичко оружје. Сепак, нагласи дека односите меѓу Исланд и САД остануваат силни и дека Исланд истовремено ја проширува својата мрежа на сојузи. „Членството на Исланд во Европската Унија не е во спротивност со добрите односи со Соединетите Американски Држави. Едното не го исклучува другото“, нагласи таа. Исланд прв пат аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година На референдумот во август, Исланѓаните нема да одлучат дали сакаат земјата да стане членка на Европската Унија, туку дали владата треба да ги продолжи преговорите за пристапување со Брисел. Исланд прв пат аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, а Советот на Европската Унија следната година го одобри отворањето на преговорите за пристапување. Сепак, исландската влада го напушти процесот во 2013 година. Доколку граѓаните на референдум одлучат да продолжат со преговорите, тие ќе бидат обновени, а доколку се постигне договор за членство, владата ќе организира втор референдум на кој граѓаните ќе одлучат дали договорот треба да се прифати или не. Исланд ЕУ Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On
Go to News Site