Kurir
Романот „Понекогаш се враќаат“ од македонскиот писател Димитрие Дурацовски ќе биде промовиран денеска со почеток во 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје. „Понекогаш се враќаат“ е шестиот роман на Дурацовски и тематски се фокусира на една куќа како симболичен простор низ кој минуваат различни животи и судбини, испреплетени со сеќавања, предмети и внатрешни светови. Делото обработува мотиви на враќање кон корените, провинцијата, самотијата и времето како трајна категорија. Особеност на романот е што има два завршетоци – еден во самата книга и друг отпечатен на задната корица. Со ова дело, авторот првпат создава книжевен свет исклучиво со зборови, пренесувајќи ја својата препознатлива визуелна естетика во литературата. Димитрие Дурацовски (1952) е писател и сликар, еден од истакнатите претставници на современата македонска култура и припадник на т.н. петта генерација автори од 1980-тите години. Неговиот творечки опус се одликува со постмодернистички пристап и поврзување на книжевноста со визуелната уметност. Автор е на збирките раскази „Тајна историја“ и „Црни пророци“, како и на романите „Insomnia“ и „Бледи сенки, далечни гласови“. Двократен е добитник на „Рациново признание“ и носител на државната награда „11 Октомври“ за животно дело. За делото, објавено од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе говорат Ангелина Бановиќ-Марковска, Ненад Јолдески и Оливера Ќорвезироска Извор: МИА
Go to News Site