Kurir
Надворешната политика на Европската Унија се води од геополитички избори и двојни стандарди, а не од доследна посветеност на меѓународното право - изјави италијанскиот европратеник Данило дела Вале во интервју за „Анадолија“ повикувајќи на темелна реформа на надворешните односи на Унијата. Во интервјуто Дела Вале упати остри критики кон дипломатскиот правец на ЕУ тврдејќи дека неспособноста да се применат истите принципи кон постапките на Израел во Газа, како и кон војната во Украина, открива длабоко вкоренети геополитички двојни стандарди. Неговите изјави доаѓаат во период на засилена дебата во Европа за идниот правец на надворешната политика на Унијата, вклучително и за несогласувањата за Русија, Газа и пошироката улога на блокот на меѓународната сцена. Дела Вале го критикува, како што рече, прекумерниот фокус на Источна Европа и на безбедносните прашања поврзани со Русија оценувајќи дека надворешната политика на ЕУ недоволно ги одразува приоритетите на јужноевропските членки. -Сега нашата надворешна политика е заснована на источниот фронт, изјави тој. Посочувајќи на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, која доаѓа од Естонија, и на еврокомесарот за одбрана, Андриус Кубилиус, од Литванија, Дела Вале оцени дека нивното географско потекло влијае врз стратешкиот пристап на Унијата. Говорејќи за односите со Москва, тој ја отфрли идејата Европа долгорочно да ја изолира Русија. Критиките следуваат по неодамнешните изјави на Калас, која ги отфрли предлозите ЕУ да има неутрална улога во процесот на завршување на војната меѓу Русија и Украина нагласувајќи дека Европа никогаш нема да биде непристрасен посредник бидејќи јасно стои на страната на Украина. Според Дела Вале, ваквите ставови претставуваат ограничен и сè помалку ефикасен пристап кон надворешната политика, заснован на конфронтација наместо на дипломатија. -Мораме да ја темелиме нашата надворешна политика на дипломатија и на соработка. Потребна ни е дипломатија за да ја решиме војната бидејќи Русија е наш сосед и ќе остане наш сосед и по 30 или 40 години, па затоа мора да разговараме и со неа-, изјави тој. -Мора да разговараме со Украина, со Русија, со сите земји вклучени во војната, но и со државите што ги сметаме за непријатели, додаде европратеникот. Во меѓувреме, во рамките на Унијата се интензивира дебатата за именување специјален претставник за идните мировни преговори меѓу Русија и Украина. Додека Киев бара поактивна улога на Европа во преговорите, Калас смета дека ЕУ треба да се фокусира на дефинирање заеднички став за условите и за црвените линии на евентуалниот мировен договор. -Можеби таа сака војна со Русија, можеби сака да војува. Не знам. Искрено, не ги разбирам нејзиниот пристап и нејзините ставови во врска со ова прашање, рече Дела Вале. Осврнувајќи се на Блискиот Исток, тој изјави дека Европа треба да има ист пристап кон Палестинците како и кон Украинците. -Зошто не му помагаме на палестинскиот народ со истата поддршка што ѝ ја даваме на Украина?, праша тој. Дела Вале ги обвини институциите на ЕУ за селективна примена на меѓународното право, особено во однос на војната во Украина и дејствувањето на Израел во Газа и на окупираните палестински територии. -Многупати го осудувавме соучесништвото на ЕУ бидејќи за нас е целосно неприфатливо Унијата да не каже ништо за геноцидот во Газа, изјави тој. Тој потсети дека од 2022 година ЕУ бргу усвоила 20 пакет-санкции против Русија, но не презела споредливи мерки против Израел и покрај, како што наведе, големиот број цивилни жртви во Газа. -Никогаш немавме дебата за осуда на израелското насилство во Палестина. Никогаш не гласавме за резолуција со која се осудуваат Израел и САД за кршење на меѓународното право. За нас, тоа е неприфатливо и претставува политика на двојни стандарди на Европската Унија, рече тој. Според него, тоа не е случајност, туку политички избор. -Јасно е дека усвојуваме санкции против Русија не само затоа што таа го крши меѓународното право. Да, Русија го крши меѓународното право, но зошто тогаш не усвоивме санкции против Израел или САД кога тие го кршат меѓународното право? Тоа е геополитички избор, оцени Дела Вале. Тој се повика и на неодамнешното истражување на „Еупинионс“ (Eupinions), според кое 73 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека Унијата треба да води понезависна надворешна политика наспроти 63 отсто во претходното истражување. Истражувањето покажува и значителен пад на довербата во САД. Само 31 отсто од испитаниците го посочиле Вашингтон како најважен сојузник на ЕУ во споредба со 51 отсто есента 2024 година, а мнозинството испитаници во неколку западноевропски земји ги оцениле САД како сè понесигурен партнер. -Мислам дека Европа треба целосно да се промени и однатре и однадвор, изјави Дела Вале додавајќи дека Унијата нема да биде вистински независна доколку остане зависна од САД.
Go to News Site